Министерот уверува: Наставниците-штрајкувачи нема да добијат отказ, туку привремена замена
Министерот за образование Абдулаќим Адеми уверува дека правото на штрајк е загарантирано и дека и покрај законските измени што се разгледуваат во Собрание, наставниците кои ќе излезат на штрајкот организиран од СОНК нема да добијат отказ.
Адеми нагласува дека наставниот кадар само ќе добие привремена замена за време на штрајкот, бидејќи мора да се обезбеди непречно одвивање на наставата.
„Доколку пратениците во Собранието ги изгласаат предложените измени во Законите за основно и средно образование, на местото на тие што ќе штрајкуваат, привремено ќе се вработат нови наставници и професори. Вработувањето ќе се одвива преку Агенцијата за привремени вработувања и ќе трае се`додека трае и штрајкот. На тие што ќе штрајкуваат, стажот нема да им биде прекинат“, појасни Адеми.
Токму заради предложените законски измени СОНК ја одложи одлуката за штрајк. Синдикатот смета дека овој потег за воведување на т.н. „резервни наставници“ е без преседан во синдикалното организирање и синдикалните слободи.
„Во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното/средното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни/средни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот“, стои во законските измени што се предлагаат по итна постапка.
Слично
