Министерот Николовски во Сараево ќе договара заеднички настап за хрватскиот правилник
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Сараево ќе се сретне со своите колеги од БиХ и Србија, Шемсудин Дедиќ и Бранислав Недимовиќ каде треба да се договори заедничка позиција на настап во однос на новиот хрватски правилник со кој се воведуваат значајни отежнувања за увоз на земјоделски производи од земји кои не се членки на ЕУ, а исто така и драстично се покачени трошоците.
Со Правилникот донесен на 15. минатиот месец за земјите членки на ЕУ трошоците за инспекциски надзор при контрола на увозот остануваат 90 куни, додека за трети земји, кои не се членки на Унијата, ќе изнесуваат 2.000 куни.
Македонија минатата недела достави нота до хрватското Министерство за земјоделство со која и официјално побара стопирање на Правилникот.
Хрватска тврди дека Правилникот погрешно се протолкувал со политички контекст што воопшто не било замислено претходно и дека не е наменет против соседите и нивната економија. Србија веќе се закани дека може да воведе трговски контра мерки.