Министерот Џафери ги прими штрајкувачите од судска администрација
Mинистерот за правда, Валдет Џафери ги прими членовите на синдикатот од УПОЗ и на Здружението на судска администрација кои штрајкуваат, за да ги слушне нивните барања.
Претседателот на УПОЗ, Пеце Грујоски, вели дека министерот ветил дека ќе ја информира Владата за денешните барања на судските административци и по неколку дена ќе им даде одговор. Од УПОЗ се категорични дека додека не се најде конечно решение, судските работници ќе штрајкуваат. Тие бараат зголемување на додатоците на плата за 35% за да се изедначат со вработените во обвинителствата.
Од УПОЗ информираа дека вчера нивна делегација и претставници на Здружението на судска администрација, се сретнале со координаторите на пратеничките групи во Собранието за изнаоѓање на решение за измени на Законот за судска служба, и тоа по скратена постапка во делот за додатоците на плата и во редовна постапка за останатите одредби од Законот за судска служба.
Било кажано дека барањето за измена на Законот за судска служба во делот за додатоците на плата треба да се спроведе во најкраток можен рок, а постапката за измените на Законот за судска служба во другиот дел преку редовна постапка да започне да се спроведува по годишните одмори. Штрајкот почна на 18 мај.
