Министерот Беџети за нотарите, задолжницата и новите закони
Министерството за правда посветува големо внимание на унапредување на нотарската служба, особено при подготовката на законите каде што се настојува судовите да се растеретат од вонсудски предмети, истакна денеска министерот за правда Блерим Беџети за време на стручното советување на Нотарската комора на Република Македонија. Според Беџети, нотаријатот има огромно значење и елементарна функција во изградбата на правната држава.
„Во таа насока беше и донесувањето на Законот за вонпарнична постапка со кој што им се овозможи на нотарите да постапуваат како повереници на судот во однос на оставинските предмети, а со измените и дополнувањата на Законот за извршување донесувањето на решенијата врз основа на веродостојни исправи се пренесе во надлежност на нотарите“, рече Беџети.
Последниот чекор во оваа насока, како што посочи, е доделувањето на правото и обрската на нотарите, согласно Законот за задолжница, да ја составуваат и заверуваат задолжницата како потврдена приватна исправа со која должникот дава согласност побарувањето на доверителот назначено во задолжницата присилно да се наплати од сите расположливи средства на должникот кај носителите на платниот промет.
