Министерката Јанкулоска бара од опозицијата да ги достави доказите за „наводно“ фалсификуваните пасоши
Денеска Министерката Гордана Јанкулоска побара од опозицијата да ги достави доказите и сознанијата во врска со написот и видеото што вчера го објави неделникот „Фокус“ за изработка на пасоши.
- Република Македонија, со над 20 различни типови на високософистицирани заштитни елементи во патната исправа, односно во нашите лични документи, спаѓа во редот на земјите кои имаат втора генерација биометриски документи и кои имаат најбезбедни документи не само во Европа, туку и во светот. Практично, патната исправа на Република Македонија може да биде активирана само од лицето кое е нејзин сопственик, односно чии податоци се ласерски гравирани во поликарбонатната страница на патната исправа, изјави Јанкулоска.
- Република Македонија оригиналните обрасци ги набавува од производителот од Германија, кој впрочем е и истиот производител кој ја произведува банкнотата на еврото, а потоа ваквите оригинални обрасци се персонализираат, така што доколку некој и се обидел да изработи исправа која наликува на македонскиот патен документ, тоа би било прилично лесно воочливо и прилично видливо. Меѓутоа она што всушност е релевантно за целава тема е дека ниту Државната изборна комисија која е надлежна за организирање на избори на овие или на кои било претходни избори пријавила обид за злоупотреба на личен документ заради утврдување на идентитет, ниту, пак, која било друга институција пријавила дека е направен обид со документ со невистинита содржина или народски кажано со фалсификуван документ некој да се обиде да се идентификува, изјави министерката за внатрешни работи.
