Економија, финансии, бизнис

Контакт

Минчо Јорданов разрешува директори, власта се заканува ќе го затвори „Макстил“!

Минчо Јорданов разрешува директори, власта се заканува ќе го затвори „Макстил“!
Сериозни кадровски промени се случуваат во челичарницата „Макстил“. Минчо Јорданов, речиси комплетно го менува менаџерскиот тим во компанијата. Пред три дена, одборот на директори донел предлог одлука според која треба да се отповикаат Александар Панов, Мино Дамјановски, Иван Цветковски, Јури Василев, Нове Ѓеорѓиевски. Одборот на директори го напушта и украинскиот милијардер Сергеј Тарута. Тарута од 2007 година има бизнис релации со Минчо Јорданов, кога стана и сопственик на акции во "Макстил", но влезе и во другите бизниси на Јорданов. Собранието на акционери, на кое треба да бидат разрешени сегашните и назначени новите директори е закажано за 25-ти декември годинава. Официјално во компанијата велат дека станува збор за кадровски промени поради пензионирање на досегашните директори кои ги исполниле условите за пензија и затоа треба да бидат сменети. Имињата на новите директори кои ќе седнат на раководните позиции во Макстил, засега се држат во тајност, сепак извори за Фактор велат дека станува збор за интересен кадар, а дел од нив студирале на Кембриџ. Макстил под закана за затворање На „Макстил“ му се заканува клуч на врата ако до април следната година не ги исполни еколошките стандарди што се предвидени со Законот за животна средина усвоен во 2004 година. Крајниот рок за усогласување со наведените стандарди е до април 2014 година, а министерството за животна средина нема намера да отстапи од таа намера. „Компаниите имаа цели 10 години за еколошко приспособување на производството. Досега во Министерството за животна средина пристигнаа 135 барања од производители, а од нив половината имаат добиено А интегрирани еколошки дозволи, а другите ќе добијат одговор до крајот на годината“, рече министерот за животна средина, изјави пред неколку дена Абдулаќим Адеми,министер за животна средина. Кризата удри врз металуршкиот сектор Во првите девет месеци до годинава нето добивката на компанијата изнесувала 50 илјади евра, што е речиси пет пати повеќе од истиот период од минатата година. Сепак остварените финансиски резултати се неповолни. „Остварените приходите од продажбите  како носечка вредносна ставка на страната на приходите достигна ниво од 43,3 милиони евра, што споредено со истиот период минатата година претставува намалување од 38,2%. Слична е состојбата и со вкупните приходи чиј износ од 44,1 милиони евра односно  помал е за исто така околу 38%. Вкупните расходи во истиот период изнесуваат 38,7 милиони евра, стои во финансискиот извештај на Макстил за првите девет месеци од годинава. Исклучително тешките услови на стопанисување продолжуваат и во третиот квартал и веќе петта година по ред имаат исклучително неповолни рефлексии врз континуитетот на производните активности по целата производна линија, и силно поврзано со тоа врз трошоците на работењето. „Нема никакви дилеми дека се тие  силно поврзани со кризата во европската економија надополнета со должничките проблеми на земјите членки. Во работењето на металуршките капацитети тие се манифестираат низ намалување на обемот на нарачките и пад на продажните цени, што е проследено со нарушување на континуитетот на производните активности и раст на производните трошоци. Еврпските челичански капацитети работат кампањски и нема стопански субјект во гранката кој не се соочува со истите проблеми во целиот изминат период, објаснуваат од Макстил. Овие проблеми се дополнително усложнети со специфичните проблеми во рамките на националната економија поврзани со споредбено високите енергетски трошоци и други давачки поврзани со енергетските транзитни системи, недоследностите во спроведувањето на владините мерки за помош на гранката во овие исклучителни околности и исто така специфичните проблеми во оклните земји кои се по дефиниција нашите позначајни комерцијални одредишта. „Компанијата во вакви услови на стопанисување обременети со неизвесности и пазарни неповолности е принудена да продолжи да работи кампањски со дисконтинуиран производен режим, да врши прилагодување на   работната сила на таквите околности и да превзема редица други зафати за оптимализирање на трошоците на работењето, но и да искажува подготвеност  да одговори на нарачки со краток рок на испорака и се позахтевни барања на купувачите, што  во вакви услови на работење станува производен императив и начин за опстојување на пазарот и исполнување на очекувањата на купувачите, акционерите, вработените и добавувачите и притоа да реализира практики на општествено одговорно работење и однесување, наведуваат од Макстил во објаснувањето на финансискиот извештај. С.Н.
Слично

Поврзани вести