Економија, финансии, бизнис

Контакт

Минатата година државата за изградба на станови потрошила само 650.000 евра

Минатата година државата за изградба на станови потрошила само 650.000 евра

Само нешто повеќе од 5 милиони евра во изминатиот период биле потрошени на изградба на станови во Скопје во рамки на стандардната комерцијална програма на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката – Скопје.

Во финансискиот план за 2026 наведено е дека како вложувања во изградбата на станбениот простор до крајот на минатата година во главниот град се потрошени 322.530.446 денари. Во сумата се вклучени и гаражи и помал процент на деловен простор.

Друштвото во текот на минатата година работело на изградба на 703 стана со вкупна површина од 43.698 метри квадратни во 10 згради во пет градови, но тие не се готови и ќе бидат потребни уште десетици милиони евра за да се завршат. Од нив, 255 станови се граделе на три локации во Скопје. Кога би биле готови, нивната вкупна површина би била 16.953 метри квадратни. Од останатите места, се градело во Битола, Охрид, Кавадарци и Штип.

За планираните станови во Скопје оваа година ќе бидат потребни 160.805.942 денари за да продолжи нивната изградба, а на ниво на целата земја ќе бидат потребни вкупно 556.758.384 денари.

„Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката — Скопје на територија на Република Северна Македонија во текот на 2026 година ќе продолжи со активностите околу подготовка и организирање на изградба на вкупно 10 објекти со 703 стана со вкупна површина од 43.698,90 м², деловен простор со вкупна површина од 9.861,60м², гаражи со вкупна површина од 15.185, 35 м² и подруми со вкупна површина од 309,70 м²“, гласи коментарот на друштвото.

Поранешен ПУИК на крајот од минатата година од слободни станови за продажба имал само 21 на лагер во Скопје со 1.596 метри квадратни вкупна површина и вкупна вредност од  350.000 евра.

Во текот на минатата година под ставката „Набавна вредност на продадени учиноци“ се изградиле станови во вредност од 650.000 евра, иако планот бил во изградбата на недвижнини да се вложат 1,5 милиони евра.

„Остварени трошоци наменети за изградба во 2025 година изнесуваат 39.581.681 денари, додека со Планот за 2026 година овој вид на трошок ќе изнесува 100.590.632 денари“, нагласува друштвото.

За оваа година се очекуваат околу 5 милиони евра приходи од продажба на станбен и деловен простор на залиха, како и околу 6 милиони евра од недвижнини во градба.

А.К.


Слично

Поврзани вести