МИЛИОНСКА НАБАВКА БЕЗ ОГЛАС: ЕСМ ангажира скопска компанија за сервис на агрегатите
Електрани на Северна Македонија подружница Енергетика склучиле на 23 декември минатата година рамковна спогодба со скопската компанија Флекс повер вредна 1,2 милиони евра без претходно објавување на оглас за јавна набавка. За таа сума фирмата се ангажира да прави сервисирање на гасните мотори.
За набавката без оглас согласност дало и Бирото за јавни набавки. Во согласноста стои дека се исполнети условите сервисирањето да го прави избраната компанија без да се прави оглас за оваа услуга.
Вкупната цена на договорот е 75,5 милиони денари или околу 1,2 милиони евра, а ќе се плаќа по извршена услуга.
Компанијата Флекс повер и претходно добивала тендери од државните институции, а еден од повредните е склучен со АД ЕСМ лани во јули во вкупна вредност од над 500 илјади евра.
Пред една недела Центарот за граѓански комуникации ги објави резултатите од мониторингот на јавните набавки во првото полугодие од 2021 година кој покажа дека во тој период преку постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра.
Овие слабости се присутни на тендерите кои ги спроведуваат институциите и на национално и на локално ниво.
А.Т.
