Милион евра чини рекламата против Заев?
Пресметките направени според официјалните ценовници на пет медиуми, на кои се емитувани или објавени анти -рекламите против претседателот на СДСМ, Зоран Заев, зборуваат дека се потрошени еден милион евра за десетдневно емитување на црната кампања, тврди портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Тој додава дека само на Сител и на Канал 5 ќе им бидат исплатени по околу 30 илјади евра за еден ден емитување, на телевизија Алфа околу 10 илјади евра на ден, Дневник и Утрински ќе добијат по 800 евра дневно, а по околу 30 илјади евра на ден ќе треба да се одвојат за билбордите низ земјава, на кои како нарачател е потпишана ВМРО-ДПМНЕ.
Шилегов додава дека ова сума најверојатно е неколку пати повисока доколку се земе предвид дека покрај кампањата против претседателот на СДСМ, паралелно трае и промотивна кампања на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ бара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да објасни од каде и се на партијата милионските суми наменети за реклами, а од надлежните институции бара да го испитаат случајот.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ со ваквите обвинувања сака „да создаде алиби за поразот кој и престои на партијата на следните избори и со манипулации и напади да ги покрие грешките на нивните водачи Зоран Заев и Радмила Шекеринска“.
„СДСМ и Шилегов се обидоа да дефокусираат од содржината на кампањата и спотовите кои одеа во јавноста. Спотовите за кои говори СДСМ содржат лични изјави на Зоран Заев и Радмила Шекеринска. Ниту е додавано, ниту е монтирано, ниту е одземано. Тие се автентични и вистинити. СДСМ всушност сметаат дека тоа што Заев и Шекеринска го кажуваат не треба да го знае јавноста. Сакаат да се заборави. Се срамат“, се вели во реакцијата на владејачката партија.
Слично
