Милер: Закана од недостиг на гас во Германија во следните две зими
Заканата од недостиг на гас ќе надвисне над Германија во следните две зими, изјави денеска директорот на германската Федерална агенција за енергетска мрежа Клаус Милер.
Тој рече дека дури и ако Русија престане да ја снабдува Германија со природен гас, други земји како Норвешка, Холандија и Белгија би можеле да помогнат да се надомести недостатокот, објави порталот Политико.
- Веројатно ќе мора да живееме со заканата дека ќе останеме без гориво две зими - рече Милер во интервју за Bild am Zontag.
Апелирајќи до луѓето да не паничат, Милер рече дека Германија во моментов нема доволно гас во складиште за да ја преживее претстојната зима без руски резерви, додавајќи дека многу зависи од тоа дали гасоводот Северен тек 1 повторно ќе почне да испорачува гас по завршувањето на работите за одржување.
Рускиот енергетски гигант Газпром во четвртокот рече дека не може да гарантира дека клучната турбина што се поправа во Канада ќе биде доволна за рестартирање на Северен тек 1.
