Миле Јанакиески на распит во Кривичниот суд
Главните осомничени за изборен криминал во случајот „Титаник” во моментов се на распит во Кривичниот суд во Скопје.
Откако заврши распитот на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, во моментов поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, дава исказ пред судија на предистражна постапка.
Во Судот се и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, секретарот на Владата, Кирил Божиновски и другите обвинети за злосторничко здружување и изборни манипулации, кои го чекаат својот ред за да дадат исказ.
Адвокатот на Едмонд Темелко пак, побарал да не му биде одредена мерка притвор како што побара Специјалното обвинителство, туку таа да се замени со мерка куќен притвор и одземање на пасошот.
Истражниот судија до утре наутро ќе реши дали некој од обвинетите од Специјалното јавно обвинителство ќе добие или не притвор.
Од СЈО информираат дека постои основано сомнение оти поранешните министри, заедно со други лица, го искористиле влијанието и на локално и државно ниво создале група, за вршење кривични дела, за да овозможат победа на одредена политичка партија на изборите, како и да интервенираат во избирачкиот список во корист на партијата од која доаѓаат.
