Мијалков ќе го тужи Шилегов – чија е фирмата што ја купи неговата компанија во Чешка?
Фирмата Миртланис во Чешка, за која опозицијата објави дека е во 100%-тна сопственост на директорот на УБК Сашо Мијалков, а тој потоа ја продаде на фирма од Панама, всушност си ја продал сам на себе, обвини денеска опозицијата пресентирајќи документи од промената на сопственоста.
„Договорот кога Мијалков ја купува фирмата МИРТЛАНИС е склучен на 26 февруари 2013 година. Под потписот на купувачот Сашо Мијалков, се наоѓа потпис на лицето Горан Гацов. Познато е дека фамилија Гацови ги води бизнисите на Мијалков во Чешка. Значи Горан Гацов станува управител на фирмата МИРТЛАНИС. На 8 ноември, Мијалков ја продава фирмата МИРТЛАНИС, на фирма од рајска Панама. Називот на оваа оф шор фирма е ТАСИГА КОРП, регистрирана во Панама, само три месеци пред да ја купи фирмата на Мијалков, МИРТЛАНИС. Но, погледнете на крајот од документот. Управител на МИРТЛАНИС, сега сопственост на ТАСИГА КОРП, останува Горан Гацов“, вели портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
Тој побара од Мијалков да се изјасни чија е компанијата ТАСИГА КОРП што ја купува МИРТЛАНИС во Чешка. Директорот на УБК демантира каква и да е поврзаност со панамската фирма. Во реакцијата преку соопштение на портпаролот на СДСМ му најави тужба за клевета.
„Панамската фирма што ја спомена портпаролот Шилегов не е моја сопственост а прес-конференцијата е уште еден обид да се наруши мојот углед, без разлика што се обидуваат да го завијат во прашална форма, за што ќе следува нова тужба. За секое дополнително прашање на СДСМ професионално е да се обратат кај менаџментот на компаниите што ги посочуваат", пишува во реакцијата на Мијалков.
Слично
