Мигрантски маки: Патуваат како “сардини” -плаќаат како туристи!
Патничките возови кои превезуваат мигранти на релацијата Гевгелија-Табановце личат се повеќе на товарни. Вчеравечер биле пуштени само неколку вагони кои собрале околу 500 мигранти, а двојно повеќе останале да го чекаат следниот воз-велат од невладината “Легис”.
Оттаму реагираат дека Јавното претпријатие “Македонски железници”не прави ништо за да се справи со моменталната состојба и напливот на патници, кои според нив повеќе од сигурно фирмата го немала со години. Според невладината за еден ден во касата на компанијата се влеваат во просек околу 10 000 евра, бидејќи картата за секој мигрант чини седум евра, а некогаш дневно има и по околу 2000 бегалци кои ја минуваат оваа рута со воз.
“Кабините и ходниците во возовите се преполни. Луѓето буквално се туркаат за да фататкакво-такво место. Некои дури влегуваат и низ прозорците. Внатре е како во котел. "Македонски железници" не превземааат ништо иако и бројот на патници кои чекаат на платформата за да влезат во вагоните е се поголем. Дополнително проблем е што нема зголемен број на вагони и возови, ниту возни редови, па мигрантите се туркаат да влезат во воз. Од Гевгелија до Табановце се патува и по 4 до 5 часа во нехумани услови над дозволениот капацитет на патници. Тоа и неможе да се нарече патување, ако се земе предвид дека и хигиената во возовите е ужасна. Имаме мигранти кои се дехидрирани и изнемоштени кога ќе стигнат на Табановце. Компанијата сега има можност да им ги зголеми платите на своите вработени и да ангажира повеќе персонал за да се спречи хаосот и да обезбеди подобри услови за патување” -вели Јасмин Реџепи од невладината “Легис”.
На железничката станицаво Гевгелија е како на панаѓур. Илјадниците мигранти кои стигнуваат во земјава добиваат хуманитарна помош од волонтерите на хуманитарните организации но тие неможат да обезбедат доволно намирници за сите. Некои од нив сами купуваат продукти кои итрите продавачи од околината им ги продаваат двојно и тројно поскапо од вообичаените цени во продавниците. Па така едно овошје чини две евра, шише сок или вода стигнува и до 3 евра.
“Тоа се главно социјални случаи кои нашле начин на заработат денар плус, бидејќи како што кажуваат живеат само од социјална помош. За нив треба да се погрижи државата, а не ние. Како волонтери им помагаме на мигрантите со информации како да стигнат до најблиската продавница, каде да најдат тоалет или место за престој ако некој чека роднини кои сеуште не стигнале. Државата во секој случај има корист од овие луѓе, а не превземе ништо да им го олесни транспортот или краткиот престој. Сепак има мигранти кои не патуваат со воз туку користат такси до Табановце кое исто така е трипати поскапо од вообичаената сума и стигнува до 150 евра. Државата е во корист бидејќи овие луѓе оставаат пари тука, купуваат во продавниците кои велат дека имаат значително зголемен промет. Мислам дека ќе ја надминат и сумата која ја оставаат туристите во земјава, па затоа не ја разбирам незаинтересираноста да им се помогне на овие луѓе, како и скептицизмот со кој се гледа на нив” -додава Реџепи.
Тој додава дека полека секнуваат и залихите со храна, вода и хигиенски пакети кои ќе ги имаат најмногу за уште една недела. Луѓето вели Јасмин, се по годишни одмори па најверојатно поради тоа се намалени и донациите. Досега неколкупати се обиделе да контактираат со надлежните во Министерството за труд и социјална политика, но одговор нема. Оваа состојба според Реџепи може лесно да прерасне во бегалска криза, особено ако бројот на мигранти продолжи да се зголемува, а помошта да доаѓа само од невладиниот сектор и донациите на хуманите луѓе.
Б.С.



