Мигрантите нервозни - тепачки на Хиос
На грчкиот остров Хиос синоќа имаше немири по обилниот дожд кој поплави шатори на многу бегалски семејства.
Ова доведе до нови физички пресметки меѓу мигрантите од различно етничко потекло. Тие се напнати поради доцнењето во обработката на нивните барања за азил.
Грчките власти апелираа до Европската комисија за испраќање на повеќе експерти за азил со цел да се забрза процесот на островите. Овој персонал допрва треба да дојде.
Приливот на мигранти во Грција од Турција е далеку од нивото од пред една година, но сепак секоја недела се регистрираат стотици нови пристигнувања. Меѓу четвртокот и петокот изутрина на островите во источниот дел на Егејското Море пристигнале 156 мигранти.
Родителите на деца кои одат во основно училиште во Термопилес, централна Грција, вчера одлучија в понеделник да го блокираат училиштето во знак на протест поради тоа што од понеделник е планирано да почнат да учат 90 деца бегалци заедно со нивните деца.
Бројот на бегалци и мигранти кои се заглавени на грчките острови деновиве достигна 11.920 лица.
