Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мигрантите не сакаат сожалување, туку помош полесно и  побрзо  да ја минат земјава!

Мигрантите не сакаат сожалување, туку помош полесно и  побрзо  да ја минат земјава!
Не стивнува бранот бегалци кои секојдневно минуваат низ земјава. Близу 3000 лица дневно во помали групи се пуштаат на македонска територија, но со истите маки како и оние пред нив, без соодветен простор за одмор, за да се скријат од пеколното сонце, ниту да се разладат и избањаат  по долгиот и напорен пат. Распослани на прашливата нива во граничната  зона, тие се засолнуваат само во неколку имровизирани шатори кои ни оддалеку не се доволни да ги соберат сите. Сега наместо на железничката станица мигрантите се стационирани по друмските патишта, да се снајде секој како знае и умее. Најавениот камп за прифаќање на  мигранти сеуште се чека. Хуманитарците кои се секојдневно на терен велат дека овие луѓе имаат мака и своја животна приказна, која и да сакаат неможе да ги остави рамнодушни. Велат, тие не бегаат од арно, туку за спас на голиот живот, не сакаат сожалување туку помош полесно да  ја минат  земјава. Најмалиот член помеѓу овие паталци деновиве е 20 дена старото бебе од Сирија, кое тукушто родено заедно со своите родители, тргнало на пат кон подобра иднина- раскажува Ленче Здравкин. Без пелени и соодветна облека, прв пат го избањале со  вода од  шишиња стоплена на сонцето, кое деновиве повторно го направи гевгелискиот регион како под вршник. “Сеуште неможам да го извадам од меморијата малото бебе кое со инфицирана папочна врвца лежеше на отворено, на сонце, без алишта, само завиткано во некоја ткаенина. Незнаев што прво да направам кога го видов стуткано од грчеви. Најдовме пелени и чиста облека. Од Црвениот крст му дадоа чај за смирување на болките, а тоа уморно едвај и да пушташе глас. Неговите родители беа уште поуплашени. Ние се трудевме на заминување  да им помогнеме да се качат на возот со тешките торбици, а тие со рацете како заковани за рачките гледаа да не се одлепат од товарот во кој го спакувале сиот свој живот.  Многу е топло, а бројката на мигранти  е повторно висока. Иако повеќепати имаше реакции дека овие луѓе правеле смет во околината, одговорно тврдам дека навистина меѓу нив се прави ред колку е можно повеќе да си чистат позади себе. Ми се случувало да делам кроасани и вода и зад мене со кутија да поминува некој од мигрантите и веднаш да го собира отпадот и шишињата. Дечињата ги соблекуваат чевлите пред да влезат во импровизираниот шатор со играчки”-објаснува Здравкин. Деновиве вели собира донации за помош на мигрантите,  која забележува е се поголема од луѓето кои немаат доволно да си ги подмират ниту сопствените трошоци. Па така пред неколку дена  кај неа неочекувано дошол млад брачен пар од Велес со две дечиња, кои се корисници на социјална помош. Донирале  две кеси со намирници за мигрантите. “Незнам што ме погоди повеќе. Тоа што овие млади хумани луѓе знаат што е да немаш и го делат и последното со некој што не го ни познаваат или нивната и онака тешка финансиска состојба. Им реков да ги вратат полните кеси и да им ги дадат на своите деца, но тие инсистираа да ги земам во донациите бидејќи се дадени од срце. Се понудија да донесат и алишта од нивните дечиња. Многупати сум побарала помош од неспоредливо побогати и помоќни луѓе, кои не сакаат ниту да чујат за состојбата на мигрантите, упатувајќи ме кон институциите кои според нив требало да најдат начин и стратегија да се справат со овој проблем. Но овие двајца млади луѓе ми дадоа зрак надеж, дека има хумани луѓе кои сакаат да помогнат. Несакам ниту да помислам дека секој од нас би можел да се најде во слична состојба. Дали тогаш би размислувале поинаку” -додава хуманитарката Ленче Здравкин. Таа неодамна доби признание од ИВЗ  поради нејзиниот  вонреден придонес за хуманитарната работа како пример како да се однесува човек на хуманитарното поле, кое не признава ниту религија ниту нација. Ленче очекува дека ќе се зголеми бројот на хуманитарци од сите градови кои ќе се вклучат на терен. Особено вели хуманоста ја очекува од гевгеличани кои под “својот прозорец”  секојдневно ја гледаат голготата на мигрантите.
Слично

Поврзани вести