Мигрантите ја блокираа пругата на границата помеѓу Грција и Македонија
Има огромни тензии на границата помеѓу Грција и Македонија. Мигрантите ја блокираа железничката линија од грчка страна со барање да се префрлат на македонска територија. На лице место пристигнал грчкиот министер за миграција Јанис Музалас.
Помеѓу 1500 и 2000 мигранти ја блокирале железничката линија. Тие велат дека се подготвени да започнат штрајк со глад, ако властите на Македонија не им дозволат за поминат низ земјата. Засега Скопје прифаќа само државјани на Сирија, Иран и Авганистан.
Оние кои ја блокирале железничката линија се од Пакистан. Ситуацијата на границата со Македонија е непредвидлива, бидејќи од грчка страна нема доволно простор за сместување на мигрантите кои во студеното време престојуваат надвор. Проблемот е и исхраната на илјадниците луѓе кои во овој момент се наоѓаат на границата, коментираат волонтери кои им помагаат на властите.
Министерот за миграција Јанис Музалас пристигнал на местото и ветувал дека ќе се донесат брзи мерки за привремено сместување на сите мигранти. Градоначалникот на регионот соопштил дека во моментов мигрантите на границата се над 8 илјади и тензиите растат. На оние на кои им е одбиен пристап до Македонија се закануваат дека нема да пропуштат никој да ја премине границата.
Мигрантите лежат врз шините на меѓународната железничка линија. Нивната бројка постојано се зголемува, бидејќи грчките власти им дозволуваат на сите пристигнати по нејзините острови да го продолжат патот до Македонија. Најмногу економски мигранти има од Бангладеш, Иран, Сомалија, Шри Ланка, Мароко, Конго, Либан и други држави каде што нема воени дејствија.
Властите во Македонија ги прифаќаат само граѓаните од Сирија, Ирак и Авганистан. Оваа мерка беше воведена откако истото тоа го направија Хрватска и Србија. Во приемниот центар во Гевгелија, вчера имаше 500 луѓе кои чекаа за да го продолжат патот за Србија. А во кампот во Табановце, недалеку од српската граница имаше 280 лица, соопшти Министерството за внатрешни работи.
По повод посетата во Скопје на претседателот на Советот на Европа, Доналд Туск се поставува прашњето дали тој доаѓа во Македонија за да им помогне или да побара нови кампови за мигрантите на територијата на земјата.
Туск изненадувачки ќе ги посети овие денови Албанија, Србија и Македонија. Властите во Скопје објавија дека можат да прифатат не повеќе од 2000 луѓе.
