Мигрантите ги скараа СДСМ и ВМРО ДПМНЕ
Опозицијата денес упати критики до премиерот Груевски.
Тие побараа надлежните итно да донесат решенија за проблемот со емигрантите којшто ескалира во последниве денови.
„Најавените измени на Законот за азил не се решение. Проблемот е сериозен и повеќедимензионален“, изјави Шилегов пред медиумите.
„Ако се тргне од најновата ситуација, поради катастрофално лошите услови за живот на згрижените емигранти, власта на Груевски уште еднаш ја срами земјава во светот, со тоа што потврдува дека Македонија е држава којашто нема капацитет за заштита на основните човекови права, ниту за своите граѓани, ниту пак за странските државјани.
Укажуваме дека меѓу овие луѓе има и деца. Дел од нив се со здравствени проблеми. Ако се земат предвид високите температури и нехигиенските и нехуманите услови во Прифатниот центар во Гази Баба, коишто Народниот правобранител ги оцени како полоши од затворите, постојат закани по нивните животи како и закани за хуманитарна, здравствена криза, епидемии во Република Македонија. Посочуваме и на безбедносните ризици коишто се присутни со месеци“, додаде Шилегов.
Од СДСМ велат и дека границите станале како швајцарско сирење и ниедна институција немала реални бројки што можат да посочат на тоа кој `се влегува и излегува од нашата држава.
На овие обвинувања реагираше владеачката партија.
Петре Шилегов и Зоран Заев ќе мора да одговорат на некои прашања пред инстиуциите на Република Македонија, пред кои сега се силат и закануваат, реагираат ВМРО-ДПМНЕ по прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. – Овој класичен рекетар и градоначалник збогатен преку криминал, има уште најмногу десет месеци на силење и излевање на фрустрации. Народот ќе ја преземе работата во свои раце и него и криминалната банда околу него ќе ги исфрли на клоци од политиката преку масовно и одлучно гласање против оние кои на власт сакаат да дојдат со манипулации и интриги, но и преку носење на власт од некои други, како што Заев вели во СМС пораките кон Мендух Тачи…. – Цел народ ќе им се смее откако ќе се пребројат гласовите по следните предвремени избори, од кои колку и да се трудат, нема да може да избегаат, стои во дописот на ВМРО-ДПМНЕ.