Мигранти се повеќе, залихи се помалку-тешко и жешко на јужната граница!
Сѐ поголем е бројот на мигранти кои ја минуваат јужната граница. Во последниов бран се најранливите категории-мајки и мали деца кои и покрај високите температури сакаат што побрзо да ја поминат земјава и да стигнат до некоја од европските дестинации, во кои пред неколку месеци се упатиле членови на нивните семејства-вели за Фактор хуманитарката Ленче Здравкин. Таа објаснува дека поради летните одмори на терен има се помалку ресурси и хуманитарна помош, па невладините секојдневно мака мачат како да им помогнат на илјадниците подадени раце за помош.
“Деновиве имаме значително зголемен број на мигранти, а сѐ помалку хуманитарна помош. Се снаоѓаме како знаеме и умееме. Дневно има и по 1000 луѓе. Хуманитарните организации кои се на терен се обидуваат да снабдат доволно залихи преку донации, но дали поради одмориве нив ги има се помалку. Во овој бран има многу мајки и мали деца. Високите температури си го направија своето, па и болниците се преполни. Има вируси, дијареја, повраќања. Не можам, а да не забележам дека гевгелиската болница излезе во пресрет и медицинските тимови се трудат да им помогнат на сите кои ќе ги однесеме.” -вели Ленче Здравкин.
Иако потребата е алармантна и досега надлежните неколку пати најавија дека токму во реонот на гевгелиската железничка станица ќе се обезбеди локација за специјален пункт за еднодневен престој на мигрантите до нивно заминување со јавен превоз кон Табановце, сѐ уште на терен нема ништо. Засега на терен има само поголем број на монтажни тоалети. Тендите за мигрантите да се скријат од сонцето и тушевите сѐ уште се само ветување. Прифаќањето и пропуштањето на мигрантите кои секојдневно пристигнуваат преку македонско-грчката граница, засега го олеснуваат екипите на хуманитарните и граѓанските организации.
“Не е наше да коментираме зошто сѐ уште не е реализирана најавата за дневниот центар за бегалци. Ние гледаме да помогнеме на што повеќе луѓе кои бараат помош. Многумина се изгладнети и дехидрирани, други се со крвави нозе. Во тие моменти немате време за размислување или дебати што треба а што не, туку барате начин да излезете во пресрет. Потребни се повеќе тушеви и тоалети за одржување на хигиената, но засега секој се снаоѓа на свој начин. Овде во кругот на гевгелиската железничка станица е како на панаѓур. Мене ме загрижува што покрај нивната мака и голгота која ја минуваат за да стигнат до тука, на терен гледаме како им се продава вода, кафе, овошје по многу високи цени, па така една банана ги чини и по едно до две евра” -раскажува Здравкин.
За неа ова лето нема годишен одмор. Вели неможе да одмара, а пред очите да и бидат слики на луѓе кои бараат помош. Ленче и денеска ќе биде на релација Велес- Гевгелија, рута која последниве месеци секојдневно ја минува со се поголем број на странски и домашни новинари кои известуваат за состојбата на терен.
Од железничката станица во Гевгелија, додава Здравкин покрај редовните линии кои трипати во денот превезуваат мигранти до северната граница се пуштаат и по неколку вонредни вагони.
Според податоците на МВР дневно во меѓузоната каде според хуманитарните организации состојбата е најтешка дневно доаѓаат помеѓу 700 и 800 мигранти и најголемиот дел од нив истиот ден влегуваат во Македонија.
Од средината на јуни, кога беше усвоен новиот закон за азил во земјава се издадени повеќе од 30.865 потврди меѓу кои најбројни се државјаните на Сирија. Со овие потврди мигрантите можат три дена да се движат непречено во земјава, по што или треба да ја напуштат или да побараат азил. До одделението за азил досега се поднесени 41 барање за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 31 барања се од државјани на Сирија, три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак и едно барање од државјанин на Египет.
Б.С


