Mицотакис даде прогноза за референдумот кај нас
Претседателот на грчката опозициска партија Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис вели дека референдумот во Македонија ќе успее, но нагласува дека признавањето на македонската нација и македонскиот јазик во Договорот од Преспа е нешто неприфатливо.
Мицотакис во интервју за „Зидојче цајтунг“ уште еднаш го иразува своето незадоволство од постигнатиот Договор, но додава дека доколку тој биде ратификуван во грчкиот Парламент, ќе го почитува.
„Нова демократија ќе гласа против, кога и да дојде за гласање. Но, очигледно, ќе треба да го почитувам како национална обврска на Грција, доколку биде ратификуван од грчкиот Парламент“- вели тој.
На забелешката на новинарот на „Зидојче цајтунг“ дека македонскиот јазик е признаен во документи на ОН уште во 1977 година Мицотакис одговара дека „тоа не е исто“.
Вели дека скопското прашање е чувствително.
„Мнозинството Грци го отфрлаат Договорот. Особено во северна Грција многу луѓе се бесни. Стотици грчки фирми го користат терминот „Македонија“ за своите производи. Немаше да ни пречи доколку речевме дека јазикот кој се зборува во Скопје е славо-македонски, но не македонски“- рече Мицотакис.
Напоменува дека нашата земја ја очекува референдум и според него Договорот ќе биде прифатен. Додава дека таков референдум во Грција не би поминал.
Во врска со тоа дали смета дека нови избори треба да има по ратификацијата на Договорот, Мицотакис одговара негативно.
