Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мицкоски за растот на БДП: Убедливо сме на дното

Мицкоски за растот на БДП: Убедливо сме на дното

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека Македонија е на дното во Европа по растот на БДП.

Тој рече дека Државниот завод за статистика повторно ја потврдил лошата економска политика на СДСМ.

Според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1 отсто. 

„Убедливо сме на дното. Притоа, од приходна страна, пад од 37 отсто забележува градежниот сектор, што всушност и го отсликува неработењето на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Немањето сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост“- изјави Мицкоски. 

Мицкоски посочи и дека има пад од 7 отсто во просперитетниот сектор информации и комуникации.

„Да потсетиме, во својата кампања СДСМ големо внимание посвети на овој сектор ветувајќи намалување на данокот на добивка за ИТ-компаниите, и тоа 50 отсто, т.е. од 10 на 5 отсто. Но, како што можеме да видиме, нема ништо од тоа. Од расходна страна падот повторно е алармантен кај бруто-инвестициите. Имено, во првиот квартал од 2018 година бруто-инвестициите забележуваат пад од 9 отсто, со што продолжува политиката на деинвестирање, својствена за СДСМ“- објаснува Мицкоски. 

Тој истакна дека исполнувањето на капиталните инвестиции од 7,4 отсто во првиот квартал од 2018 година придонело јавната потрошувачка негативно да влијае врз БДП, односно да забележи пад од 1,4 отсто.

Тој додаде и дека единствено нешто што му успеало на, како што кажа, ова цунами, економската политика на Владата предводена од Зоран Заев, е во првиот квартал од 2018 година да ги задолжи граѓаните на Република Македонија повеќе од 300 милиони евра, а притоа да не обезбеди раст на БДП.

Слично

Поврзани вести