Мицкоски свика состанок: Следуваат засилени контроли на маркетите
Премиерот Христијан Мицкоски свика координативен состанок по кој најави засилени контроли на маркетите. Состанокот се одржал со министероит за економија и заменикот-министер - Бесар Дурмиши и Марјан Ристески, како и со директорот на Државниот пазарен инспекторат и претседателката на Комисијата за заштита на конкуренцијата - Влатко Стојкоски и Малинка Силјановска Николиќ.
„Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет.
Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција. Како Влада, остануваме целосно посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои директно влијаат на животниот стандард.
Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!
Ве уверувам дека преземаме конкретни мерки: Денес остварив средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, Министерот за економија, Заменик министерот за економија и Директорот на пазарната инспекција. Наложив засилени контроли и итна реакција на терен.
Тие имаат јасна задача – да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби. Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка“, објави Мицкоски.
Слично
