Мицкоски: Струјата ќе поскапе за 18,5 отсто
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска брифираше пред медиумите дека, според неговите пресметки и очекувања, струјата наскоро би можела да поскапи за 18,5 отсто.
Според претседателот на најголемата опозициска партија, Регулаторната комисија за енергетика во својот дел на овластвања ќе допушти зголемување на сметките за електрична енергија за 2,5 отсто, додека останатите 16 проценти ќе се должат на поскапата струја што ќе му ја понуди АД ЕСМ на ЕВН Хоме како на универзален снабдувач.
Мицкоски очекува промена на цената од јули, а АД ЕСМ, како што вели тој, поради лошото работење е принуден да ја поскапи струјата, бидејќи во спротивно ќе треба да прогласи банкрот.
- Минатата година, според податоците кои ги поседуваме, АД ЕСМ ја завршила 2020 со загуба од минус 16.8 милиони евра. Според сознанијата, струјата што ќе му ја продаде на ЕВН Хоме ќе биде поскапена од сегашните 38 на 55 до 58 евра за мегават час, рече Мицкоски.
Како што вели Мицкоски, МЕПСО, пазарот на МЕПСО и ЕВН Дистрибуција ќе побараат зголемување на фактурите во нивниот дел за 5 отсто, но РКЕ ќе дозволи само 2,5 проценти.
- Единствениот начин да остане непроменета ситуацијата е АД ЕСМ да не го поскапува своето производство, но тоа ќе значи банкрот, или државата да го намали износот на ДДВ на фактурите, но еве да видиме дали ќе се оствари таа најава, иако тоа ќе значи 100 милиони евра помалку во буџетот, напомена Мицкоски.
