Мицкоски очекува поевтини бензини, дизелот засега без поскапување
Премиерот Христијан Мицкоски очекува намалување на цените на бензините, по владината одлука за намалување на акцизата и по договорот со ОКТА за дополнителен период на пониски износи по литар гориво.
Како што изјави Мицкоски, акцизата се намалува за 4 денари по литар кај дизелот и за 2 денари по литар кај бензинот. Дополнително, по разговорите со ОКТА е обезбеден период од еден месец во кој ќе важи уште 3 денари по литар пониска цена за дизелот и 2 денари по литар за безоловниот бензин.
Според него, кога сите овие елементи ќе се земат предвид, треба да следува пониска цена на бензините, додека кај дизелот во моментов не се очекува раст на цената.
Мицкоски порача и дека состојбата со количините е стабилна, а потрошувачката е зголемена, што според Владата упатува дека снабдувањето со нафтени деривати засега се одвива без поголеми нарушувања.
Во поширокиот економски контекст, премиерот рече дека Владата веќе трпи милионски загуби, но оцени дека државата мора да интервенира за да се ублажи притисокот врз граѓаните и стопанството. Тој посочи дека предизвиците се сериозни, особено ако се има предвид обврската за враќање на околу 2 милијарди евра.
Паралелно со мерките кај горивата, Владата ја следи и состојбата со цените на производите и ја остава отворена можноста за нивно замрзнување. Мицкоски рече дека таква мерка се разгледува, а одлуката ќе зависи од тоа како ќе се движат цените во наредниот период.
„Не сакаме избрзани решенија што можат да предизвикаат посериозни последици“, порача премиерот.
