Мицкоски најави пресврт со цената на струјата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на собраниската седница за пратенички прашања во делот на енергетиката, премиерот најави дека се работи на модел кој би можел да донесе поевтина електрична енергија за граѓаните.
Според него, новите решенија, договорени во консултација со Европската комисија, би можеле да овозможат намалување на цената на струјата од 5 до 10 проценти.
– Иако пазарот е либерализиран, правиме допрецизирања во Законот за енергетика. ЕСМ нема да испорачува повеќе од 70% од потребите на снабдувачот од 1 јануари 2027 година. Целта е да добиеме поевтина и стабилна цена – истакна Мицкоски.
Тој појасни дека потрошувачката на електрична енергија е поделена во периоди од денот и годината, со различни цени во зимска и летна сезона, како и преку ден и ноќе, зависно од производството од обновливи извори.
– Сакаме да направиме модел што ќе биде вин-вин ситуација – и за системот и за граѓаните. Во одредени периоди струјата од соларните капацитети е речиси со нулта или дури негативна цена – рече премиерот.
Мицкоски додаде дека повеќето мерки од реформската агенда се во завршна фаза, а како отворено прашање останува Изборниот законик, кој зависи од политички договор со опозицијата.
