Мицкоски го задава последниот удар на „Пржинскиот“ договор и дали затоа Филипче ја одби лидерската
ВМРО-ДПМНЕ систематски работеше изминатите години за целосно демонтирање на „Пржинскиот“ договор, односно документот кој беше услогласен во резиденцијата на Европската Унија во населбата Пржино, по што и самиот договор го доби ова име. Сепак, од 2015 година практично повеќето институти кои беа поставени со Пржинскиот договор, меѓу кои и Специјалното јавно обвинителство, делче по делче беа срушени.
ВМРО-ДПМНЕ во минатото се „силеше“ дека ќе направи „чекор наназад од Преспанскиот договор“ или дека договорот со Бугарија ќе се „репреговара“ но, единствено успеа да го намали значењето на „Пржинскиот“ договор. Имено, со него беше постигнат политички консензус за излез од институционалната криза во 2015 година што потоа водеше кон „судбинските“ избори во декември 2016 година, а кои ултимативно овозможија пад на владеењето на премиерот Никола Груевски по речиси 11 години власт.
Но, денес сме далеку од таков вид политичка криза, иако СДСМ како опозициска партија во нокдаун се обидува да го врати чувството на „борба со режимот“ од 2015 година, кога се објавуваа бомбите од прислушкуваните разговори, а „борците на Шарената револуција“ ги шараа со боја владините згради.
Далеку од очите далеку од срцето - Како Греувски и Заев поминаа со техничките влади
Во 2015 и 2016 година главната цел беше да се спроведат легитимни и слободни избори, без „долгата рака на Груевски“. Затоа беа одбрани клучни институции како Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделство и Министерството за информатичко општество и јавна администрација.
Тогаш СДСМ тврдеше дека без силата на полицијата, инструментите за уцена и поткуп на гласачите преку министерствата кои делат средства и заплашувањето на вработените во државната администрација, граѓаните ќе може конечно да излезат на слободни избори и „со пенкало да го срушат режимот на Груевски“.
Дури и со такви промени, каде Груевски со месеци не беше премиер, а ги немаше ниту Јанкуловска, Мијалков, Ставревски, Јанакиевски и другите „бабароги“, СДСМ не успеа да победи на тие избори, но сепак подоцна успеа да формира влада благодарение на ДУИ и Ахмети, и секако големата меѓународна поддршка.
СДСМ по ВМРО-ДПМНЕ исто така на своја кожа почувствува што значи да се откажеш од премиерската функција на 100 дена пред избори. Првиот таков „експеримент“ го преживеаја во 2020 година, кога Оливер Спасовски, исто како и неговиот претходник Емил Димитриевски на позицијата „технички премиер“ се задржа подолго од законскиот предвиден рок од 100 дена, поради одложувањето на изборите.
Но, во услови на глобална пандемија и вешт потег на Зоран Заев да создаде предизборна коалиција со Биљал Касами од БЕСА успеа да освои два пратеника повеќе од ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин да гарантира дека ќе го добие мандатот од претседателот за формирање влада.
Во вториот „пржински експеримент“ на СДСМ условите беа сосема различни. Позицијата технички премиер му беше доделена на Таљат Џафери со што беше заокружена наметната перцепција дека со државата целосно владее ДУИ, а дека социјалдемократите се помалиот коалициски партнер на Али Ахмети.
Сепак, настрана од политичките и партиските интереси, преодните или техничките влади, како и да сакате да ги наречете, никогаш не донеле нешто особено конструктивно.
Државата е закочена во изборни години, со технички влади уште повеќе
Следните „итерации“ на техничката или преодната влада покажуваа само колку партиите се неспособни да ги тргнат настрана дневнополитичките препукувања. Институциите во еден изборен циклус наместо да продолжат да функционираат како и вообичаено, тие се целосно замрени и блокирани.
Во Македонија и во едни локални избори имаме состојба на целосно укочување на државниот систем. Да се потсетиме дека за последните локални избори со месеци не функционираше Собранието и не носеше суштински реформи, ниту Владата на Мицкоски имаше енергија да сработи поголеми проекти, туку целиот фокус беше ставен на изборите.
Така и техничките влади кои немаат политичка одговорност дополнително го кочат државниот систем со оглед на тоа што под „ист кров“ имате министри од спротивставени тимови, и со различни партиски цели, наместо да овозможат непречено функционирање на институциите.
Можеби техничката влада е добра за заштита на демократските процеси и влијанието врз гласачите при организирање на изборниот циклус, но како општество и држава досега веќе требаше да созрееме и еволуираме доволно за такви епизоди да не ни се повторуваат.
И несомнено Венко Филипче ќе биде против укинување на Пржинскиот концепт на Влада како заштита на „наследството на црпнатиот од Муртино“, што го покажа со одбивањето да присуствува на лидерската средба. Но, за доброто на општеството време е да се продолжи напред, наместо да гледаме евтини репризи на минатите политички сапуници.
Х.С.