Мицкоски ги потврди гласините: На 15 декември се затвора трезорот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги потврди гласините - во понеделник на 15 декември се затвора трезорот за буџетски плаќања.
Ова се прави за прв пат во модерната историја на земјата уште на средина на еден месец за да се подобри неликвидноста со исплатите на државните институции.
Веќе имаше бројни реакции во јавноста дека се доцни со исплата на плати во дел од јавниот сектор и со исплата на социјална и државна помош по различни основи.
- Многу е важно сите институции навремено да ги достават налозите до трезорот за да може трезорот навремено да ги плати. Ако се доставуваат налозите на 25, 27, 28 ... потоа повторно Владата е виновна зошто тоа навремено не е платено. Се разбира, ќе има толеранција но ова беше кажано се со цел институциите одговорно да се однесуваат и да може да се изврши плаќањето до доверителите, она кое Министерството за финансии преку трезорот треба да го направи, рече Мицкоски.
Мицкоски присуствуваше на поставување камен-темелник на нова училишна спортска сала во населено место Колешино, во Општина Ново Село.
- Кога министерството деновиве ќе добие увид во тоа колку исплати треба да релизира до крајот на оваа година – ќе посегне по приоретизирање, тоа значи дека ќе се направат само оние исплати што мора и во ваков случај вообичаено ќе „настрадаат“ капиталните расходи, рече претходно поранешниот вицепремиер за економски прашања Фатмир Битиќи.
