Мицкоски: ДДВ за горивата се намалува од 18% на 10%, бензините нема да поскапат
Владата донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност за бензините и дизел горивото од 18 на 10 проценти, со цел да се спречи енормен раст на цените, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Одлуката следи по најновите ценовни шокови на светските нафтени пазари, предизвикани од геополитичките случувања на Блискиот Исток.
Без мерки, цените ќе скокнеа драстично
Според владините пресметки, без интервенција бензините би поскапеле за околу 6,5 денари по литар, а дизелот за околу 10,5 денари.
Со намалувањето на ДДВ, се очекува:
цената на бензините (95 и 98 октани) да остане непроменета
дизелот да поскапи минимално, за околу 3,5 денари по литар
Дополнително, од компанијата ОКТА е обезбеден попуст од 2 денари по литар, што може дополнително да ги намали цените.
Најниски цени во регионот
Премиерот истакна дека Македонија и понатаму има најниски цени на горивата во регионот, со значителна разлика во однос на соседните земји.
Според споредбите, цените во Србија, Хрватска, Грција и Албанија се повисоки за 30 до 40 евроценти по литар.
Мерката важи две недели
Намалениот ДДВ ќе стапи на сила од полноќ меѓу 23 и 24 март и ќе важи во следните две недели, со можност за продолжување во зависност од состојбите на пазарот.
Стабилен електроенергетски систем
Мицкоски информираше дека електроенергетскиот систем е стабилен, со доволни резерви на јаглен и вода. Владата размислува и за интервенција со мазут за да се спречи евентуално поскапување на струјата.
Засилени контроли на пазарот
Владата најави и засилени контроли за да се спречат злоупотреби и неоправдано зголемување на цените.
– Во време на криза никој нема право да остварува профит на грбот на граѓаните – порача премиерот.
Со овие мерки, како што беше истакнато, целта е да се стабилизираат цените, да се спречи инфлаторен удар и да се заштити животниот стандард на граѓаните и стопанството.
