Мицкоски: Да се укине недела неработен ден, тогаш имаме најголеми вишоци на струја
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРO-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција оцени дека објавените мерки на власта за помош се недоволни и дека наликуваат како оние од ковид-кризата.
„Нашиот план за набавка на енергенси е на пат да профункционира и добро е што власта се согласи јавните водоводни претпријатија, здравствените болници и школи да бидат на регулкираниот пазар или да добијат поевтина струја. Но нема детален план со буџетски пресметки за секоја мерка, а нема поддршка за бизнисот кој плаќа осма најскапа струја во Европа
Вистинскиот лек го немаше во пакетот, тоа како домашно да ја стабилизираме цената на струјата, како ќе се справиме на среден рок. Затоа денес сакам да предложам нов пакет на мерки иако сме опозиција и инструментите се во раце на неодговорни и неспособни“, рече Мицкоски.
Опозицискиот лидер предлага вишоците од производството на ЕСМ на стопанството да му се продаваат по производна цена и да не надмине 80 евра од мегаватчас од 1 ноември до крајот на кризната состојба.
„Најголеми вишоци има во недела, затоа предлагаме „недела неработен ден“ да се замени со некој друг ден од неделата“, предлага Мицкоски.
Тој наведе дека ВМРО-ДПМНЕ предлага со 50 милиони евра да се субвенционираат сметките за струја на стопанството и да има викенд без ДДВ за основните прехрамбени производи.Опозицијата бара да се одложи прогресивното оданочување, законски предвидено да започне од 1 јануари 2023, дополнително за уште една година.
