Министерство за финансии: СДСМ го руши угледот на Република Македонија
Министерството за финансии ја обвини најголемата опзициска партија СДСМ за вчера изнесените информации за заемот што Македонија го доби од Светска банка за поддршка на развојот на македонската економија и смета дека со тоа не и нанесува штета само на Владата, туку и на Република Македонија и на Светска банка.
„Со заемот во висина од 50 милиони долари ќе се финансираат повеќе клучни реформски активности поделени во четири области: развој на производството со висока додадена вредност, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор, подобрување на ефикасноста на трговската логистика и воспоставување флексибилност на пазарот на труд преку развој на вештини и иновации. Реализацијата на овие мерки ќе придонесе за развој на приватниот сектор и за подобрување на конкурентноста на македонската економија“ соопштуваат денеска од Министерството за финансии и посочуваат дека за нив е несфатливо како од СДСМ можат да се сомневаат во одлуката која Светска банка ја донесе на 29 ноември годинава.
Бордот на директори од повеќе од 190 земји членки на Македонија и даде заем од 50 милиони долари кои се показател за довербата на Светска банка во Република Македонија и квалитетот на економските политики, се вели во соопштението каде посебно се нагласува тоа што заемот е даден во време на криза, а под најдобри можни услови за Македонија со каматна стапка шестмесечен Еурибор, кој во моментот изнесува 0,61 проценти, со рок на отплата од 18 години и вклучен грејс период од 5 години.
„Македонија има ниско ниво на долгот од 30,6 проценти и е четврта најниско задолжена земја во Европа. Методологијата по која Министерството за финансии го пресметува долгот на државата е конзистентна со онаа на Еуростат и ММФ. Земјите со сличен рејтинг како РМ имаат долг во однос на БДП од околу 50 проценти, а мастришкиот критерим изнесува 60 проценти од БДП, појаснуваат од Министерството за финансии.
За нив е несфатливо како за СДСМ, Република Македонија со 30 проценти државен долг е презадолжена или дека по динамика на задолжување потсетувала на Грција. Како резултат, додаваат, на внимателната и успешна фискална политика во изминатите четири години Република Македонија најмалку ја зголеми висината на државниот долг како процент од БДП, споредбено со земјите од ЕУ и регионот.
Според Министерството за фунансии исто така чудно е и тоа што СДСМ реагира на фактот што од 95-та до 2012 година, биле земени 14 исти вакви заеми за буџетска поддршка, од кои голем дел во време на владеење на СДСМ. Затоа поднесувањето на 159 амандмани и писмото на СДСМ до Светска банка го нарекуваат преседан во додегачното работење на Светска банка со Република Македонија во овие дваесет години.
Слично
