Економија, финансии, бизнис

Контакт

МФ: Кочоска има увид во евиденцијата за кадровски решенија во институциите

МФ: Кочоска има увид во евиденцијата за кадровски решенија во институциите

Oд Министерството за финансии, велат дека до дополнителната заменик министерка,  Гордана Димитриеска – Кочоска по доставено нејзино барање, се доставени годишните планови за планирани вработувања на институциите за 2020 и 2019 годинa. 

Се работи за буџетски корисници од прва линија и за јавните претпријатија, каде може да се најдат сите вработувања, унапредувања и пензионирања предвидени по институција. 

„Со овој допис доставена е евиденција за кадровското екипирање на институциите за тековната и претходната фискална година, од каде јасно може да се видат сите движења. Во однос на известувањата на институциите за вработувања - односно согласностите, ве известуваме дека задача на Министерството за финансии е единствено проверка дали институцијата има обезбедено средства во буџетот во тековната фискална година за вработувањето, а не и одобрување на истото. Законска обврска на Министерството за финансии е да известува дали се обезбедени средства во буџетот на барателот или не, а не да води политика на вработување. На сите барања за податоци на дополнителната заменик министерка и се доставуваат бараните податоците“, наведуваат од Министерството за финансии. 

Напомуваат и дека значаен дел од кадрите на министерството се ангажирани на одговарање на бројните барања кои доаѓаат од кабинетот на дополнителната заменик министерка, односно голем дел од ресурсите се користат на обработка на податоците, што влијае и на тековните обврски.

Дополнителниот заменик-министер за финансии тврди дека не ѝ е дозволен увид во документацијата. 

„На ден 21.01.2020 година, од страна на министерката за финансии, а по претходно барање до кабинетот на министерот како надлежен сектор во Министерството, иако по 11 дена, добив известување дека Министерство за финансии не води евиденција на издадени известувања за обезбедени финансиски средства, односно согласности за вработување во институциите во Р Македонија, по институции број на лица, вид на вработување, односно ангажирање, а притоа нема таква обврска. Со ваквото известување и видно прикривање на податоци се буди сомнеж за сериозно попречување на организацијата на изборите и можно влијание врз граѓаните како гласачи на претстојните предвремени парламентарни избори. Согласно Законот за Владата, вработените во министерството се должни да ги достават сите акти, документи и информации кои му се на располагање на министерот, до кои согласно истиот закон дополнителниот заменик на министерот има право на неограничен пристап“, вели таа.

Според Кочоска, несфатливо е како Министерството за финансии нема евиденција на согласностите за вработувања и ангажирања, со оглед дека истите се изворна надлежност согласно Законот за буџети и Законот за трансформација во редовен работен однос.

Слично

Поврзани вести