Методите на Ердоган сеат страв во Македонија: Ќе работи ли „Јахја Кемал“?
Дали на една недела пред стартот на новата учебна година ќе биде неизвесен првиот школски ден за близу 2000 ученици во петте училиштата на “Јахја Кемал” во земјава? Прашање кое се отвори откако во јули турската влада побара од неколку балкански земји да ги затворат училиштата за кои се сомневаат дека се поврзани со движењето на Фетула Ѓулен, обвинет за обидот за пуч во Турција.
Изјавата на министерот за надворешни работи Никола Попоски за време на прес-конференцијата со неговиот грчки колега Никос Коѕиас дека Владата донела одлука во согласност со нашето законодавство и со нашите национални интереси отвора серија прашања поврзани со евентуалното затворање на институциите кои се нашле на црната листа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Сеуште е неизвесно кои се и што содржат мерките кои ги усвоила Владата на последната седница и дали тие ќе и пресудат на иднината на неколку невладини и образовни институции за кои биле побарани мерки од Анкара?
Од Владата нема официјална потврда дали одговорила на барањето на Анкара и дали донела конечна одлука во врска со образовните институции и невладините организации што се поврзуваат со името на Ѓулен. Досега од државниот врв се даваа само изјави за поддршка за владејачката гарнитура во Турција. Македонската влада го осуди обидот за воен удар и даде поддршка за демократски избраната влада во Турција.
Училиштето “Јахја Кемал” преку соопштение објaвево на нивната веб страна и упатено до родителите и учениците информира дека се реализирани потребните подготовки за успешен старт на новата учебна година, а училиштето продолжува со својата воспитно образовна дејност.
“Сведоци сме дека во последно време некои медиуми и портали шират невистини и дезинформации за нашето училиште. Ве информираме дека нашето училиште кое веќе 20 години успешно работи во склоп на образовниот процес на Р Македонија, продолжува со својата воспитно образовна дејност и во наредната учебна година и дека потребните подготовки за успешен старт се веќе реализирани. Како што знаете, компетентни институции за одобрување, оценување и превземања секаков вид мерки во однос на образовните институции, функционираат во склоп на владата на Р Македонија и одредени министерства. Учениците од ова училиште со своите дипломи се регистрират во највисоко рангираните универзитети. Почитувани родители, Ве молиме од сега и во иднина сите потребни информации за нашето училиште да ги добивате од управите на нашите образовни единици и од надлежното министерство”- се вели во соопштението од Генералната Дирекција На ПСУ “Јахја Кемал”.
Во јули турската влада побара од неколку балкански земји да ги затворат училиштата за кои се сомневаат дека се поврзани со движењето на Ѓулен. Албанија и Косово веќе го одбија таквото барање. Турската агенција Анадолија објави црна листа на фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до Ѓулен. На оваа листа се училишта, фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам.
Претседателот на Турција, Ердоган, го обвини Фетула Ѓулен кој е и на чело на организацијата ФЕТО за организатор на обидот за пуч во неговата земја и побара од САД екстрадиција бидејќи Ѓулен во моментов живее во Пенсилванија, САД.
С.Б.
