„Мермерен комбинат“ како златна кокошка: профитот за лани изнесува 6,85 милиони евра!
Прилепската компанија позната по висококвалитетниот мермер успеа 36 отсто од приходите од продажба да ги канализира во чиста добивка!
Прилепскиот „Мермерен комбинат“ објави добивка од 422,1 милиони денари (околу 6,85 милиони евра) за минатата година, покажуваат официјалните податоци од неревидираните биланси кои компанијата ги објави на официјалниот веб сајт на Македонската берза за хартии од вредност. Секоја акција на „Мермерен комбинат“ создаде нова вреднос од 90 денари, а тоа е потенцијален принос од 15 отсто во однос на последната пазарна цена на таа акција постигната на 24 ноември лани која изнесуваше 600 денари за акција.
„Мермерен комбинат“ е една од најдобрите компании според прикажаната добивка во споредба со сите акционерски друштва кои досега објавија биланси за 2014 година на официјалната веб страница на Македонската берза за хартии од вредност. Особено за потенцирање кај прилепската компанија за експоатација на мермер е тоа што дури 36 отсто од сите приходи од продажба компанијата успеала да ги претвори во оперативна добивка.
Оваа компанија во инвеститорската јавност се памти и по тоа што лани исплати дивиденда од 399 милиони денари (околу 6,5 милиони евра) во бруто износ и тоа беше една од поголемите исплатени добивки од претходни години на нашиот пазар на капитал.
Од билансите е видливо дека компанијата лани работела значително поуспешно од работењето во 2013 година. Приходите од продажба лани пораснале за 13 отсто до 1,17 милијарди денари од оствареното во 2013 година. Наспроти тоа компанијата бележи пад на најважните расходни ставки. Така кај амортизацијата износот е 161,1 милиони денари и има пад за 8 отсто лани во однос на 2013 година. Кај трошокот за вработени – најголема расходна ставка има пад од 2 отсто и тој трошок изнесува 213,3 милиони денари што води до заклучок дека компанијата лани го намалила бројот на вработени затоа што и покрај обврската за исплата на регрес лани има помал трошок за вработените од 2013 година. Кај ставката трошоци за суровини и материјали износот е 184,5 милиони денари и е понизок за 4 отсто во однос на 2013 година. Најголем пад има кај трошокот за останати оперативни расходи изнесуваат 41,7 милиони денари и во однос на 2013 се пониски за 78 отсто. Воедно лани компанијата успеала и да ги намали побарувањата од купувачите за 37 отсто и тие на крајот на минатата година изнесуваат 104,4 милиони денари.
Вкупните обврски на фирмата на крајот на 2014 година биле 389,7 милиони денари и се пониски за 31 отсто во однос на 2013 година, а падот на обврските спрема добавувачите се намалил за 65 отсто до износ од 47,7 милиони денари. Во врска со обврските спрема кредити забележливо е дека компанијата го зголемила долгот врз основа на краткорочните кредити за 27 отсто до 133,5 милиони денари, за сметка за намалувањето на долгорочните кредитни обврски за 33 отсто до ниво од 179,5 милиони денари.
Најголем акционер во прилепската компанија е STONE WORKS HOLDING COOPERATIF U.A инвестициски фонд што поседува 88,4 отсто од акциите со право на глас во таа компанија. Втор најголем акционер е грчката „Пиреус банка“ која поседува 10 отсто од акциите. Според официјалните податоци на Централниот депозитар за хартии од вредност во прилепската компанија акции имаат и 90 домашни физички лица кои заедно поседуваат 52.218 акции односно 1,11 отсто од капиталот. Прилепскиот Мермерен комбинат освен по тоа што е единсвен по својата дејност во нашата земја, се издвојува и по тоа што е единствена компанија на територијата на Република Македонија чија акција се тргува на грчката берза за хартии од вредност со седиште во Атина.
Слично
