Мермерен комбинат има добивка од 6,3 милиони евра за девет месеци
Приходите од продажба се 14,8 милиони евра и се 20 отсто повисоки од реализацијата во периодот јануари-септември лани
Прилепскиот „Мермерен комбинат“ има добивка од 387,8 милиони денари (6,3 милиони евра) во периодот јануари – септември, објави прилепската компанија на Македонската берза за хартии од вредност. Во споредба со истиот период лани добивката на едниствената компанија за вадење мермер во земјава пораснала три пати во споредба со лани односно за неверојатни 261 милиони денари (околу 4,4 милиони евра). За првите девет месеци годинава секоја акција на „Мермерен комбинат“ носи добивка од 82,7 денари. Во однос на последната пазарна цена од 565 денари постигната на берзата секоја акција носи потенцијален принос од 14,6 отсто.
Податоците од билансот покажуваат дека „Мермерен комбинат“ годинава има значително подобрување на перформасите од своето работење. Од продажба компанијата реализирала 911,33 милиони денари (14,8 милиони евра) што е пораст од 20 отсто во споредба со лани. Во структурата на приходите доминира извозот на мермер. Во споредба со првите девет месеци лани, годинава извозот изнесува 870 милиони денари и бележи раст од 20 отсто. Трошоците за продадени стоки и услуги изнесуваат 361,8 милиони денари и бележат раст од само 5 отсто во однос на расходите од минатата година. Оперативната добивка на компанијата е 403,6 милиони денари и е за 2,6 пати повисока од оперативнаа добивка за минатата година.
Најголем акционер во прилепската компанија е STONE WORKS HOLDING COOPERATIF U.A инвестициски фонд што поседува 88,4 отсто од акциите со право на глас во таа компанија. Втор најголем акционер е грчката „Пиреус банка“ која поседува 10 отсто од акциите. Според официјалните податоци на Централниот депозитар за хартии од вредност во прилепската компанија акции имаат и 90 домашни физички лица кои заедно поседуваат 52.218 акции односно 1,11 отсто од капиталот. Прилепскиот Мермерен комбинат освен по тоа што е единсвен по својата дејност во нашата земја, се издвојува и по тоа што е единствена компанија на територијата на Република Македонија чија акција се тргува на грчката берза за хартии од вредност со седиште во Атина. Прилепскиот комбинат неодамна беше актуелен за јавноста при објавата на предлог одлуката за поделба на 2,75 милиони евра дивиденда. Повеќе можете да прочитате на следниот ЛИНК
Слично
