Меркел: Вратата за Грција не е конечно затворена!
Во заедничката прес-конференција германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за економија, Зигмар Габриел "протегнаа рака" кон Грција и покрај заладените по петок односи меѓу Атина и нејзините кредитори.
По долгата речиси еден час прес конференција двајцата врвни политичари оставија четири главни пораки - референдумот во Грција во недела ќе биде решавачки за останувањето на земјата во еврозоната.
Второ - дури и да се дојде до Grexit (излегување на Грција од еврозоната), еврото нема да пропадне. Трето - и во иднина финансиската помош за земји од единствената валута зона ќе се даваат само со конкретни услови. И четврто - при позитивен исход од референдумот може да има нови преговори со грчката влада.
"Ако по референдумот грчката Влада побара да ги продолжи преговорите, природно ние нема да се спротиставиме на тоа", изјави Меркел на прес-конференцијата во Берлин.
А предметниот референдум "очигледно е поврзан со останувањето во еврото", рече таа, Воздржувајќи се од совети како да гласаат "одговорните грчки граѓани".
Сепак Меркел не пропушти да ја обвини грчката влада за неуспехот на преговорите, како што порано денес направи и Жан-Клод Јункер. "Европа живее од компромиси", изјави таа на заедничката прес-конференција со Габриел. "Но, никој не може да се добие 100%". Според канцеларот самата Грција не посакала да најде компромис.
"Грчката влада сака идеолошки сосема друга еврозона", рече Габриел. "Токму - една еврозона во која ветувањата немаат голема сила. Во таков случај, сепак еврото сигурно ќе пропадне", појасни тој.
Габриел исто така ги обвини грчките претставници за влошување на кризата. "Европа не може постојано да обезбедува безусловна финансиска помош", рече тој.
