Меркел и Макрон го поддржуваат создавањето на Европскиот монетарен фонд
Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот рекоа дека се подготвени да продолжат со продлабочувањето на европската интеграција, создавајќи Европски монетарен фонд и Европско Министерство за финансии.
Макрон рече дека сака да ја зајакне Еврозоната во светло на Брегзит и вети дека ќе го направи својот предлог во оваа насока по германските избори на 24-ти септември. "Ова е реконструкција, што ни треба", рече тој на годишно собрание на француските амбасадори во Париз, ветувајќи "конкретни чекори во околу 10 области". Тој, исто така, додаде дека ЕУ не може да си дозволи "да заглави во рутински или технократски расправии".
Во Берлин канцеларот Ангела Меркел, која се сретна со Макрон во понеделникот ја одобри идејата за Европски монетарен фонд и изјави дека може да го замисли создавањето на комбиниран европски министер за финансии и економија.
Опишувајќи го Европскиот монетарен фонд како "многу добра идеја", Меркел изјави за новинарите: "Тој може да не направи уште постабилни и да ни овозможи да му покажеме на светот дека располагаме со сите механизми за да можеме да реагираме добро на неочекувани ситуации".
Овој Фонд ќе се развива од страна на Европскиот механизам за стабилност (ЕМС) - спасувачки механизам, формиран во 2012 година, за да помогне за справување со кризата во еврозоната, која се закани да го раскине блокот.
"Би можела да замислам и еден (комбиниран) министер за економија и финансии", рече Меркел, додавајќи дека тоа ќе им овозможи подобра координација на буџетските и економските политики.
