МЕПСО поради раскинат договор може да загуби 6 милиони евра, директорот Љатифи убеден е дека правдата ќе биде на нивна страна
Бурим Љатифи, директорот на МЕПСО, кој пред година и пол објави дека бил раскинат договорот за енергетското поврзување со Албанија, на денешниот брифинг со медиумите рече дека изборот бил оправдан, бидејќи Енергоинвест од Сараево завршил само 4 отсто од работата а при тоа барал уште 45 отсто повеќе пари во однос на договорот кој бил склучен, како што вели тој, како непроменлив.
Во меѓувреме, пред десетина дена одекна веста дека на предарбитражна постапка било одлучено дека инженерската компанијата Енергоинвест од Босна и Херцеговина има право да бара 6 милиони евра од МЕПСО поради тоа што операторот на преносниот систем го прекинал договорот со фирмата која требаше да го гради далноводот до Битола до Елбасан. Ова е објавено и на страната на сараевската фирма, но ја пренесоа и медиуми.
Љатифи на крајот од 2024 како нов директор на МЕПСО објави дека е раскинат договорот со Енергоинвест, но сега наиде на голема критика од опозицијата дека државата како гарантор на договорот, финансиран од меѓународен кредитор, се соочува со неизвесност од 6 милиони евра пред да започне арбитражата. Ова би значело дека, ако биде загубена меѓународната арбитража, еднаш ќе го платиме неизградениот далновод со Албанија и уште еднаш за да го изградиме со новиот договор кој беше постигнат со хрватскиот Далековод во висина од 19,3 милиони евра.
- Тој договор беше непроменлив, без непредвидливи работи. Во декември 2020 Енергоинвест како изведувач еднострано го напушти теренот и две години не работеа ништо, а тоа е цврста основа за раскинување на договорот. Во мај 2023 заврши рокот за завршување на работите, тогаш е донесена одлуката за раскин од претходниот директор Зуди Енуз и неговиот правен советник Билен Салии, рече Љатифи, кој додаде дека во меѓувреме од Енергоинвест не биле прифатени ниту два дополнителни предлог анекси од 2,8, а потоа и од 4,5 милиони евра.
Љатифи смета дека самиот акт на напуштање на градилиштето од страна на Енергоинвест е основ за раскинување на договорот, за што имало и верификувана изјава од генералниот директор на изведувачот, како и консултативно мислење од Европската банка за обнова и развој како финансиер на проектот дека дури и 7 милиони евра плус, колку што барал операторот, немало да го доврши енергетското поврзување.
Љатифи рече дека како главен подизведувач била ангажирана фирмата на Нефи Усеини од ДУИ која не била специјализирана за такви работи, туку за изградба на станови и експлоатација на сепарации. Тој е убеден дека исходот од предарбитражната постапка не мора да значи дека МЕПСО ќе ја загуби арбитражата, иако не одговори конкретно кои се аргументите на Енергоинвест во овој случај.
- Изградени се само 24 темели без конструкции од планираните 269. Ние поради ова, немаме поврзување со Албанија и затоа годишно губиме приходи од 6,7 милиони евра, додаде тој.
Првиот човек на МЕПСО рече дека друштвото досега платило милион евра казнени камати за неповлечени средства од ЕБОР и дека за арбитражата се ангажирани две американски адвокатски канцеларии.
Новиот изведувач Далековод од Загреб треба да започне наскоро со работа под нови услови. Новиот договор е потпишан на 30 месеци а во тек е мобилизирање на градежните ресурси пред да започне теренската работа.
А.К.
