Економија, финансии, бизнис

Контакт

МЕПСО не може да каже колку договори за снабдување со електрична енергија се раскинати, но тврди дека системот нема „да падне“

МЕПСО не може да каже колку договори за снабдување со електрична енергија се раскинати,  но тврди дека системот нема „да падне“

Операторот на електропреносниот систем МЕПСО вели дека нема информации за тоа колку договори за снабдување од страна на снабдувачите на електрична енергија кон компаниите како големи потрошувачи се раскинати поради неколкукратниот пораст на цената на струјата на либерализираниот пазар. Вчера цената беше 270 евра по мегават час на слободниот пазар.

Иако по презентираните податоци, Регулаторна комисија за енергетика покрена постапка за одземање на лиценци на снабдувачи, од друштвото велат дека немаат увид во овие договори, односно нема информација за тоа кој снабдувач со колку и кои потрошувачи има склучено договор, односно колкави количества електрична енергија се откажани и од каде се обезбедени нови за да се одржува балансот.


МЕПСО вели дека ќе наплати за балансна одговорност на досега откажаните количества и дека снабдувачите се должни системот да го одржуваат на „нула“, односно потрошувачката да биде колку што е побарувачката на електрична енергија.

- АД МЕПСО, согласно законските и подзаконски акти, ќе изготви и достави фактура за наплата на дебалансот до БОС- Балансно Одговорни Страни во рок од 60 дена по завршување на месецот за кој се однесуваат пресметките за отстапувањата во електроенергетскиот систем, предизвикани меѓудругото и од откажаните договори, велат од таму.

Во краен случај ЕВН Хоме ќе ги снабдува со електрична енергија и големите потрошувачи, а од МЕПСО велат дека цената што ќе треба тие да ја платат е јавно позната и објавена.

- Во случај на откажување на договорите од страна на снабдувачот, а потрошувачот не успее да склучи договор со друг снабдувач, “Малите потрошувачи” ќе бидат снабдени од Универзалниот снабдувач, а “Големите потрошувачи” од Снабдувач во краен случај, велат од таму.

Операторот додава дека кризата со неколкукратното зголемување на електричната енергија на берзите ќе се одрази и на нивните трошоци, но засега нема конкретни суми.

- АД МЕПСО согласно Законот за енергетика е должен да набави електрична енергија за покривање на загубите во електропреносната мрежа како и електрична енергија за сопствени потреби. Секако порастот на цената не ел.енергија на берзите во Европа, влијае врз трошоците на МЕПСО по однос на овие набавки, гласи нивниот одговор на прашањето дали оваа криза ќе претставува удар за нивната ликвидност.

А.К.


Слично

Поврзани вести