Економија, финансии, бизнис

Контакт

МЕПСО ја почна модернизацијата на најзначајната трафостаница за снабдување на Скопје

МЕПСО ја почна модернизацијата на најзначајната трафостаница за снабдување на Скопје

МЕПСО почна со модернизација на трансформаторската станица „Скопје 4“  и со овој проект ќе се замени со нова 110 kV (киловолтна) високонапонска опрема која е во функција над 40 години. Ревиталзацијата на најзначајната трафостаница за снабдување на Скопје со квалитетна електрична енергија е проект во кој ќе бидат вложени 4,9 милиони евра. По тој повод денеска Горан Сугарески, министерот за транспорт и врски и м-р Ева Шуклева остварија работна на трафостаницата, каде во тек се градежни активности на две полиња.

Сугарески во својство на претставник на Министерството за транспорт и врски – единствен акционер во МЕПСО при посетата рече дека на терен се реализираат сериозни инвестиции во електропреносниот систем, од кои само тековните проекти во четири трафостаници се вредни над 7 милиони евра.

„Ваквите инвестиции што ги прави МЕПСО се од огромно значење, пред се за непречено снабдување со струја на граѓаните и компаниите, заради подобро работење, подобро живеење и  стимулирање на економски раст и одржување на стабилност во енергетскиот сектор“, истакна Сугарески.

Шуклева нагласи дека со реконструкцијата на трафостаницата ќе се добие поголема стабилност, помалку испади и помалку средства за одржување, со што, како што рече ќе се подобри и климата за инвестиции во индустриските зони, а ќе има и поквалитетно напојување за граѓаните.

„Ова е првата 400 киловолтна трафостаница во земјава изградена во 1978 година и ова е најголемата реконструкција од постоењето и изградбата на оваа трафостаница. Инвестицијата е 4,9 милиони евра, поддржана со кредит од Европската банка за обнова и развој. Договорот е потпишан со изведувачот Кончар, а има и македонски подизведувачи.  Битноста на оваа реконструкција е затоа што од оваа трафостаница се напојуваат 110 киловолтните трафостаници  во 70 отсто од регионот на Скопје и околината, меѓу кои се и индустриската зона Бунарџик, аеродромот, централното градско подрачје“, изјави Шуклева по увидот во реконструкцијата.

Со овој проект е опфатена промена на прекинувачи, разделувачи, мерни трансформатори и за набавка на системи за далечински надзор и управување (SCADA) како и системи за релејна заштита. Изведувач на работите е „Кончар“ од Р.Хрватска.
Модернизацијата има за цел да ја подобри доверливоста и квалитетот на напојувањето со електрична енергија, да ја зголеми флексибилност во управувањето, а истовремено да ги намали ризиците од испади  и да ги сведе на минимум трошоците за одржување и експлоатација со постројката.

Овој проект е дел од кредините аранжмани со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) инвестициски пакет вреден над 50 милиони евра, во кој е предвидена ревитализација на 9 трансформаторски станици, изградба на 6 далекуводи во националната преносна мрежа, изградба на нова 400/110 kV трафостаница кај Охрид и изградба на нов 400 kV далекувод што ќе ги поврзува нашиот и албанскиот електроенергетски систем.

Слично

Поврзани вести