Менче Атанасова Точи: Министерот Тодоров ги сврте лекарите против себе!
Новинарката Менче Атанасова Точи, која веќе неколку години ги анализира состојбите во здравството во однос на првичните резултатите „Healthgrouper“ за миграцијата на здравствениот персонал од регионот на Западен Балкан, вели дека последните случувања во здравството влечат корени од лошите реформски зафати во последните години:
„Македонските лекари заминуваат во странство бидејќи не се мотивирани да работат тука. Ниските плати, лошите услови за работа, лошите реформски зафати, а особено омаловажувачкиот однос на Министерството за здравство кон нив во последните години, се главните причини што лекарите масовно заминуваат во странство или пак, учат германски јазик и се подготвуваат да ја напуштат земјата. Она што најмногу ги налути лекарите беше проектот „работа по учинок“, причина поради која протестираа цели 52 дена“, вели Точи.
[button color="orange" size="big" link="http://faktor.mk/2014/12/23/lekarski-egzodus-placham-dodeka-pishuvam-no-makedonija-mi-go-odzede-dostoinstvoto/" ]Лекарска исповед од Германија: Плачам додека...![/button]
Точи смета дека Тодоров успеал да ги сврти лекарите против себе, наместо да има со нив партнерски однос.
„Тие бараа зголемување на платите од 100 одсто, а дури две години подоцна добија зголемување од 19,2 проценти и тоа само лекарите од Клинички центар. Но, она што треба да се потенцира, е што во целата таа трескавична трка за промоција на политиката на власта, кога секој ден се измислува по некоја новина, министерот Тодоров успеа да ги сврти лекарите против себе, наместо да ги придобие и со партнерски однос, заедно да ја кројат судбината на јавното здравство. Поголемиот дел од проектите се празни и немаат поента, но се филуваат со шлаг зашто веќе нема што да се измисли, потрошени се сите идеи“, смета Точи.
Според новинарката Точи, проблемот е во немање стратегија во здравството.
„Резултатот е видлив уште сега, падна квалитетот на здравствените услуги, лекарите се незадоволни и незаинтересирани, а страдаат пациентите. Македонските лекари заминуваат и веќе има сериозен недостиг од специјалисти, а министерот проблемот ќе го решава со лекари од Србија за кои нуди посебни услови. Нејасно е, зошто на македонските лекари, особено на младите да не им се понудат подобри услови и алтернативни решенија за да се спречи одливот на кадар во чие образование е инвестирано многу“.
[button color="orange" size="big" link="http://faktor.mk/2014/12/24/intervju-d-r-lazarevik-lekarite-zaminuvaat-vo-potraga-po-dostoen-zhivot/" ]ИНТЕРВЈУ Д-р ЛАЗАРЕВИК: Лекарите заминуваат во потрага...[/button]
Г.Ч.
Слично
