Мемети бара властите да направат сериозна реформа на судството
Зголемување на бројот на поплаки за повреди на човековите права за четири проценти повеќе од 2014 година бележи извештајот кој Народниот правобранител денеска го доставил до Собранието.
Според извештајот констатирани се 1.514 повреди на човековите права и слободи, додека во 1.238 случаи биле прифатени интервенциите на Народниот правобранител.
Според Иџет Мемети под сомнение е ставен целокупниот систем на општеството и неговото функционирање во контекст на противзаконското следење на комуникациите како појава на масовно прекршување на правото на приватност на личниот и семејниот живот, а отсуствува професионална, ефективна и навремена истрага за откривање и казнување на полициската бруталност и затоа препорачува неодложни реформи во целиот полициски систем, а особено во системот на нивна контрола.
Мемети вели дека правосудството функционира со низа слабости, судските одлуки се носат пристрасно, а во одделни случаи и од нестручни судии затоа им порача на властите да се зафатат со сериозна реформа на судството, вклучително и управното судство.
Во извештајот на Народниот правобранител е нотирано дека нема подобрувања ниту во затворскиот систем, забелешки има и за задолжување на граѓаните со радиодифузна такса, која, како што рече, присилно им се наплатува.
