Меѓународната заедница ќе оцени дали има услови за фер избори
Пред распуштање на Собранието, но не подоцна од 20 февруари, Европската Унија и Соединетите држави во консултации со локални експерти заеднички ќе оценат дали се исполнети условите што би воделе до одржување на веродостојни избори на 24 април.
Амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, му ги предадоа денеска на премиерот Емил Димитриев критериумите според кои Вашингтон и Брисел ќе оценат дали има услови да се одржат кредибилни избори или не.
Едни од главните услови се избирачкиот список, реформите во медиумите и одвојувањето на државата од партиските активности.
Првиот услов обврзува Државната изборни комисија до 19 февруари целосно да биде во Функција со персонал и финансии. Се бара и законска рамка за отстранување на гласачи кои не постојат во списокот, а сето тоа да го набљудува ОБСЕ.
Исто така, четирите партии мора да постигнат договор за медиумските реформи, а телевизиите да го почитуваат законот за објективно и непристрасно известување.
Покрај тоа, амбасадорите ги повикаа партиските лидери да се воздржат од напади на јавни функционери, чија работа е да создадат услови за кредибилни избори, бидејќи како што рече имаат тешка работа за завршување.
Од друга страна пак, од опозициската СДСМ денеска изјавија дека нема да учествуваат на изборите бидејќи, како што велат, нема време за обезбедување на фер „натпревар".
Како алтернативни датуми за избори, опозицискиот лидер Зоран Заев ги посочи 5 јуни или 5 јули, бидејќи, како што вели со овие два термини може најрано да се врзе прочистувањето и проверката на избирачкиот список. Владејачката коалиција пак, се уште инсистира на избори да се оди на 24 април.