Меѓународната заедница бара медиумски реформи за фер избори
Mеѓународната заедница го поздрави постигнатиот договор со кој предвремените парламентарни избори се одложија за 5-ти јуни, но укажуваат дека останатите реформите мора да се спроведат.
Американскиот амбасадор Џес Бејли рече дека ако сите работат посветено и играат според правилата, изборите можат да бидат веродостојни и да ја донесат државата до крај на оваа политичка криза.
На прашањето дали е точно дека за медиумите нема да се преговара, Бејли рече дека реформите и слободата на медиумите се приоритет и се од голема важност за изборите.
– Реформите во медиумите, слободата на медиумите остануваат многу важен дел не само за време на изборите туку и од итните реформски приоритети на Европската унија. Како медиумите и медиумската околина ќе бидат оценети зависи од тоа како сите вие ќе ги покривате овие многу важни избори. Сите вие потпишавте Етички кодекс за тоа како ќе известувате за избрите, и мислам на крајот сепак најважно ќе биде како самите вие ќе ја извршувате вашата работа и ќе им помогнете на македонските граѓани да бидат информирани и да ја согледаат целосната различност на гледиштата – рече Бејли.
И европратениците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едуард Куканги повикаа сите политички партии да пронајдат консензус за реформите, како единствен начин за гарантирање на патот на земјата кон евро-атлантската интеграција и европската перспектива.
„Како олеснувачи на овој процес од Европскиот Парламент, апелираме до политичките лидери да продолжат со својата посветеност на реформите и се надеваме дека нашето присуство тука ја демонстрира нашата посветеност кон нив, кон народот на државата и неговата европска иднина. Искрено се надеваме дека сите политички партии ќе превземат напори да ги создадат условите за веродостојни избори. Повторуваме дека Европскиот Парламент ќе биде присутен во текот на изборниот период за да ја поддржи оваа цел како и стремежот кон демократскиот развој кој пред се е во интерес на Македонскиот народ - тврдат тројцата европратеници.
И еврокомесарот а преговори за проширување Јоханес Хан, на својот профил на „Твитер“ испрати три пораки во кои повикува на спроведување на предвидените реформи.
„Го нотирам гласањето во Собранието на поранешната југословенска Република Македонија за одложување на изборите на 5-ти јуни. Договорот од Пржино е жив. Сите партии мора целосно да се ангажираат, да помогнат да се подготват кредибилни избории да ги поттикнат реформските приоритети, вклучително и на медиумите. " - напиша Хан на твитер.
