Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мегаломанските градби ќе значат крај за Маврово!

Мегаломанските градби ќе значат крај за Маврово!

Постојаниот комитет на Бернската Конвенција бара суспензија на сите владини инфраструктурни проекти во Националниот парк Маврово, поточно на предвидените хидроенергетски проекти Бошков Мост и Луково Поле. Според екологистите, Македонија ќе мора да ја почитува оваа препорака бидејќи во 1997 година ја има ратификувано оваа конвенција. Истрагата спореведена од независни странски експерти во јуни годинава покажала дека планираните хидроцентралите во НП Маврово не се компатибилни  со статусот   на заштита   на   паркот   и   вредните   еко-системи   и   видови   и   како   такви   истите   треба   да   бидат напуштени.Во извештајот е потенцвирана особено вредноста на НП Маврово за балканскиот рис, критично загрозен подвид на евроазискиот рис, од кој се останати помалку од 40 единки.

-Според независните меѓународни експерти спроведувањето на вакви мегаломански проекти во едно заштитено подрачје е неприфатливо и ќе значи крај за истото. Ваквата одлука подразбира дека се суспендираат сите инфраструктурни проекти во рамки на Паркот. Што значи одлуката се проширува на сите инфраструктурни објекти вклучувајќи ги и хидроенергетски проекти. Неопходноста од стратешка оцена за влијанието врз животната средина е нешто што беше потенцирано од страна на граѓанскиот сектор на сам почеток од најавување на проектите во Паркот. Имајќи предвид дека Македонија ја има ратификувано оваа конвенција во 1997 година, усвоените препораки се задолжителни. Согласно Уставот на РМ, меѓународните договори се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закони и Владини одлуки. Доколку постои непочитување на истите, тоа претставува прекршување на меѓународниот правен поредок. Истото се однесува на и на меѓународните финансиски институции за кои препораката гласи да ги суспендираат финансиите на ваквите проекти се додека нема соодветна студија за кумулативните ефекти врз Националниот парк Маврово, вели Александра Бујаровска од од Фронт 21/42. 

[caption id="attachment_148668" align="aligncenter" width="586"]mavrovo Од енергетски аспект, според надлежните, изградбата на овие хидроцентрали ќе влијае врз намалување на увозот на струја, но од еколошки апсект според екологистите на Мавровскиот резерват му се заканува пропаст.[/caption]

Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека заклучокот на независните експерти бил остро негиран од страна на делегацијата на Владата на Македонија за време на состанокот лани, и покрај тоа што преку Министерството за животна средина и просторно планирање, А.Д. ЕЛЕМ и најмените експерти, директно учествувале во набљудувачката мисија. Според најновата препорака усвоена минатата недела се бара сите владини проекти во рамки на територијата на НП Маврово да бидат суспендирани сѐ додека не се подготви Стратешка оцена за влијанието врз животната средина, ставајќи посебен акцент на кумулативните ефекти на сите планирани инфраструктурни проекти и активности на територија на паркот, како и долгорочните ефекти на водните режими на реките Дрим и Вардар.

- Дополнително, во рамки на оцената, Македонија треба да одговори на специфичните потреби за зачувување на видовите за кои Националниот парк Маврово носи посебна одговорност, вклучувајќи ги видовите и живеалиштата за кои ова подрачје е номинирано за Емералд подрачје и истите да ги земе предвид при носење на Планот за управување со подрачјето. Усвоените препораки се резултат на жестока дебата во Советот на Европа и се дипломатска модификација на оригинално предложените, многу поостри препораки, посочуваат од  Македонското еколошко друштво.

Дали екологијата и економијата можат да одат заедно?

Уште во март годинава во интервју за британски Гардијан, портпаролката на ЕБОР, во врска со најавените инвестиции во хидроенергетскиот проект „Бошков Мост“, изјави дека проектот е стопиран и дека во тек е изработка на нова студија. Лани премиерот Никола Груевски најави дека проектот за хидроцентралата Бошков мост ќе стартува годинава, и заедно со хидроцентралата Луково поле ќе бидат од големо значење за енергетиката и за севкупната економија. Тогаш премиерот изјави дека Владата нема да гради проект што би им наштетил на граѓаните и на животната средина.Екологисатите пак укажуваат дека економијата и екологијата треба да одат заедно.

[caption id="attachment_128006" align="aligncenter" width="564"]HE-Boskov-Most-akumulacija-01 До сега ниту еден државен орган не ја оправдал, аргументирано, неопходната потреба од градење на овие капацитети во Паркот[/caption]

-Во 21-виот век економијата и екологијата односно грижата за природата одат заедно. Проектот ХЕЦ Бошков Мост и МХЕ Црн Камен со акумулацијата Луково Поле би учествувале со само 2% од моментално потребно количество на електрична енергија на Македонија. До сега ниту еден државен орган не ја оправдал, аргументирано, неопходната потреба од градење на овие капацитети во Паркот. Дополнително, една од нацрт препораките на Комитетот на Бернска Конвенција до Владата на Република Македонија беше да изготви студија во која би ја проценила добивката од електрична енергија наспроти губењето на едно заштитено подрачје. За жал делегацијата на нашата влада остро реагираше на препораките и не прифати ваква суплементарна студија, вели Бујаровска.

Од еколошкото друштво Еко-свест, велат дека Комитетот има  усвоено  и посебна препорака за ЕБОР и Светска Банка односно ги повикува меѓународните финансиски институции да ги земат предвид резултатите од Стратешката оцена за влијание врз животната средина пред одлучувањето за финансирање на овие хидроенергетски .

Еколошките организации уште во 2011 година посочија дека предлог-планот за управување со Националниот парк Маврово е скроен за да се обезбеди место за енергетските проекти, а не за зачувување на природата и функционирањето на екосистемите. Од тогаш досега се  покренати повеќе жалби и тужби. Меѓународната унија за заштита на природата, во која учествуваат околу 200 владини, 1000 невладини организации и околу 6000 експерти, со огромно мнозинство на гласови во 2012 година усвои резолуција за заштита на Националниот парк Маврово.

Комитетот го отвори случајот во 2014 година поради сомнение дека Македонија ги прекршува одредбите на Конвенција со носењето на одлука за спроведување над 22 хидроелектрани во рамки на паркот и одлучи делегација на независни експерти и набљудувачи да спроведат истрага со цел да се утврди степенот на закана за биодиверзитетот од  планираните  хидроенергетски  проекти.

[caption id="attachment_34445" align="aligncenter" width="564"]Lukovo pole akumulacija viz02a За да се изгради браната, мора да се изгради и нов пат низ паркот.[/caption]

Двата мега-енергетски проекти Бошков Мост и Луково Поле, беа најавувани со години наназад од секоја владејачка гарнитура. Вкупната инвестиција за двата проекта ќе чини 170 милиони евра, од кои дел односно 100 милиони евра ќе бидат финансирани од Светска банка и Европската банка за обнова и развој.Браната Луково поле ќе чини 62 милиони евра, од кои 50-тина милиони евра ќе се обезбедат преку кредит од светска банка, а останатиот дел од ЕЛЕМ. Хидроцентралата ќе обезбеди собирање на вода од корапското подрачје за производство на 125 гигават часови енергија. За да се изгради браната, мора да се изгради и нов пат низ паркот. Хидроцентралата Бошков мост ќе се гради во близина на Дебар при што ќе бидат искористени водите на реката Мала река и нејзините притоки. Браната ќе произведува 107 гигават часови енергија. Инвестицијата за ХЕЦ Бошков мост изнесува 107 милиони евра, од кои 65 милиони евра се од ЕБОР.Од енергетски аспект според надлежните изградбата на овие хидроцентрали ќе влијае врз намалување на увозот на струја, но од еколошки апсект според екологистите на Мавровскиот резерват му се заканува пропаст.

Р.Ф

Слично

Поврзани вести