Економија, финансии, бизнис

Контакт

Медиумите треба да бидат во функција на граѓаните, а не слуги на политичките елити!

Медиумите треба да бидат во функција на граѓаните, а не слуги на политичките елити!
Денес е светски ден за слобода на медиумите, а македонската медиумска слика години наназад покажува влошување според речиси сите меѓународни релевантни институции кои се занимаваат со оваа проблематика. Во Македонија особено се актуелни случувањата поврзани со донесувањето на новиот закон за медиуми, со кој, како што стојат работите дополнително ќе се регулираат сите медиуми, вклучувајќи ги и електронските. Искуството покажува дека секоја дополнителна регулација на медиумскиот простор не носи нов квалитет во медиумите, напротив само повеќе, од пазарен и новинарски аспект ги затегнува јамките околу бројните медиуми кои во време на економска криза едвај преживуваат на пазарот. Во таа насока, Фактор смета дека овој закон, вака како што е предложен треба да биде предмет на поширока јавна дебата, во која не само симболично туку и суштински ќе бидат вклучени медиумските работници, со што ќе се создаде добра база за носење квалитетен закон, или пак за регулирање на постоечките медиуми и електронски медиуми преку останатите закони кои ја регулираат новинарската сфера. Во време кога одредбите на постоечкиот предлог закон оставаат широк дијапазон за своеволни толкувања, кои на мала врата ја внесуваат и цензурата во одредени сегменти на новинарското информирање, сметаме дека квалитетни, а не козметички промени на спорните одредби можат да придонесат за поголема медиумска слобода, што треба да биде цел на целата демократска јавност без разлика на политичката боја. Во таа насока, сакаме да биде јасно, дека ред во медиумскиот простор, вклучително и во електронскиот треба да постои. Одговорноста на медиумските чинители мора да биде над се, но одговорноста произлегува од квалитетот и професионализацијата на медиумскиот простор, а за тоа се потребни повеќе професионалци во медиумите и поголема слобода на говор, ослободена од политички притисоци, или од притисоци на бизнис центрите на моќ. Пазарот во Македонија е мал, опстојувањето на многу медиуми е невозможно, и затоа сметаме дека треба да се остави на граѓаните, читателите, гледачите да го направат својот избор. Од друга страна, ограничувањето на слободите, во било каква форма и појава е штетна за сите. Тоа во земјава, се надеваме никој не го сака, особено во време кога политичките елити промовираат и се залагаат за внесување на европските стандарди во сите сфери, па и во медиумската. Редакција Фактор
Слично

Поврзани вести