МЕДИТЕРАНСКА ЗЕМЈА ИМА ПРОБЛЕМ: Ќе им требаат два милиони работници
На Грција ќе ѝ бидат потребни дополнителни два милиони работници во текот на следните десет години, од кои една четвртина ќе бидат висококвалификувани лица.
Грција веќе се соочува со нецикличен недостиг на работна сила и ѝ недостасуваат до 200.000 работници, според националниот завод за статистика.
Демографските предизвици се чувствуваат сè повеќе во Грција, а масовните пензионирања се закануваат да го нарушат производството и социјалната сигурност, додека истовремениот економски развој на земјата води и кон создавање нови работни места, објавува агенцијата Бета.
Сепак, овие нови работни места бараат висококвалификувани лица со дипломи и докторати во улогите на аналитичари на податоци, специјалисти за машинско учење, софтверски инженери и развивачи, техничари за автоматизација итн.
Овие индустриски области и работници се особено вредни за грчката економија, бидејќи ќе ја зголемат нејзината динамичност и конкурентност, правејќи ја повеќе ориентирана кон странство, пишува весникот „Катимерини“.
Недостатокот може да се реши и со привлекување висококвалификувани работници од странство, интегрирање на мигрантите кои веќе се во Грција или нудење стимулации за репатријација на Грците во странство.
Ваквите политики би можеле да пополнат најмалку 100.000 слободни работни места и да го зголемат БДП-то за најмалку еден процент.
foto freepik.com/senivpetro
