Медитеранот има конкуренција - земјата на дождот и маглата одгледува маслинки
Маслинките се поврзуваат со Медитеранот со векови, но климатските промени ги менуваат правилата. Првото британско екстра девствено маслиново масло е произведено во Англија, а некои земјоделци веруваат дека оваа култура би можела да има иднина и на островот.
Во срцето на англиската покраина Линколншир, меѓу полињата каде што традиционалните земјоделски култури се одгледувале со векови, денес расте нешто што до неодамна изгледало незамисливо: маслинки.
Земјоделецот Дејвид Хојс засадил дури 18.000 дрвја, надевајќи се дека ќе ја прилагоди својата семејна фарма на сè потопла и сува клима.
Тој вели дека културите што ги одгледувал порано потешко издржувале екстремни временски услови, па затоа почнал да бара култури кои се поотпорни на високи температури.
Неговото семејство ја обработува земјата околу 200 години и ги гледа маслинките како инвестиција во иднината.
На фармата се засадени сорти од Франција, Шпанија и Италија, иако не сите успешно се справиле со британското време.
Некои дрвја претрпеле штета за време на студените периоди, но Хојс верува дека повеќето ќе се опорават. Неговиот оптимизам беше дополнително зајакнат со бербата во 2025 година.
По лабораториската анализа и експертската евалуација на вкусот, беше потврдено дека тој и друг одгледувач од Есекс го произвеле првото британско екстра девствено маслиново масло.
Маслинките се преработуваат директно на фармата, во пренаменет контејнер за превоз, што е првата комерцијална мелница за маслиново масло во Обединетото Кралство, пишува Euronews.
Додека британските производители штотуку се пробиваат на пазарот, традиционалните одгледувачи на маслинки низ Медитеранот се соочуваат со сè поголеми проблеми.
Сушите, топлотните бранови и пожарите во последните години ги намалија приносите во многу водечки региони за производство, додека побарувачката за квалитетно маслиново масло продолжува да расте.
Сепак, експертите предупредуваат дека Велика Британија тешко може да стане сериозен конкурент: една сурова зима е доволна за да ги уништи досегашните и да ги загрози повеќегодишните инвестиции.
Но, експерименти како овој покажуваат дека климатските промени веќе го менуваат земјоделството и ги охрабруваат земјоделците да бараат нови култури за во иднина.
