Медицинскиот дневник од 1 Ноември заминува во историјата
Новина која од први Ноември ќе почне да се применува во рамки на Мој термин и здравството е замената на Медицинскиот дневник, основната медицинска документација во кој се внесуваат податоци за прегледот на пациентот во здравствените установи со електронско водење на медицинската документација.
-Досега, медицинскиот дневник се водеше на хартиен образец, со рачно внесување на податоците за посетата на пациентот. Сето тоа значеше дополнително ангажирање на вработените во установите, рече Милан Аризанкоски, проект-менаџер на Националниот систем за закажување прегледи Мој Термин.
Според него, со воведување на Националниот систем за електронска евиденција во здравството, Мој Термин, се создадоа услови за електронско водење на медицинскиот дневник.
Имено, податоците кои веќе се внесени во апликацијата која се користи во ординацијата на лекарот или во амбулантата, автоматски ќе се префрлат во електронскиот медицински дневник.
Со тоа според надлежните ќе се намали административната работа во установите при што се добиваат комплетни податоци за прегледот кој е извршен, појасни тој.
Токму затоа, Министерството за здравство донесе Правилник за видот, формата и содржината на образецот за водење на медицинскиот дневник на сите нивоа на здравствена заштита.
-Со тековната работа во системот за електронски евиденции во здравството МојТермин или во софтверска апликација која е интегрирана со него, повеќе не е потребно паралелно запишување на медицинските податоци за прегледот во хартиен дневник во здравствената установа, потенцира Аризанкоски.
„Покрај олесувањето на работата во евиденцијата на податоците во дневникот, се олеснува и работата на државниот санитарен и здравствен инспекторат кој согласно законот за евиденции во здравството ја има надлежноста за контрола на внесувањето на податоците како и проверка на веродостојноста на истите. Сите податоците на сигурен начин се пренесуваат и зачувуваат во едно централизирано место, од каде Државниот санитарен и здравствен инспекторат може да ги извршува своите контроли“, додава тој.
Докторите што го користат директно Мој термин можат да започнат со користење на електронскиот дневник од нареден понеделник, додека докторите кои користат интегрирани решенија кон МојТермин се планира да се започнат од 1 ноември. Од 1.1.2015 година, овој начин на водење на медицинската документација станува задолжителен.
