Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мечката го изеде или бикот ја прободе?

Мечката го изеде или бикот ја прободе?

Изминатава година имаше неколку возбудливи ситуации на Македонската берза. Видовме значајни промени, се отворија нови можности, паднаа неколку маски, пуштија неколку бради, а некои земаа и по две дивиденди... Нема да ве замараме, почитувани читатели, со индекси, проценти, графици и методологии. Ќе се обидеме популарно преку нашиот рекапитулар да ви го вратиме вниманието на најважните моменти

февруари Некој или некои инвестира(ат) 115.000 евра во кеш за да купи помалку од 4 отсто од акциите во „Макошпед“. Оваа компанија три години наназад не поделила дивиденда, во континуитет ја губи својата пазарна позиција, вложи над 1 милион евра за помалку од една година во акции на „Фершпед“. Во оваа 2018 година менаџерите очекуваат приходи по сите основи кои се пониски од еден милион евра. Која е логиката да „опрчиш“ 115.000 евра за 4 отсто од акциите во фирма која очекува добивка пред оданочување помала од 10.000 евра???

март „Гранит“ купи безмалку 5 отсто од акциите во „Комерцијална банка„ и за тоа да плати 7 милиони евра! Секоја акција е купена на цена од 3.750 денари што тогаш беше значајно високо пазарно ценовно ниво за таа акција. Сега тие акции носат капитална добивка од 3 милиони евра. Никогаш јавноста не дозна дали менаџментот акциите ги плати со кредит од „Комерцијална банка“ и зошто не ги праша стотиците мали акционери во „Гранит“ – домашни физички лица дали сакаат тие 7 милиони евра да им ги поделат: 1. како дивиденда; 2. да ги вложат во акции; 3.со нив да купат нова градежна опрема? 

Во оваа сеанса акциите на шведскиот инвестициски фонд, кои беа 13 отсто, освен „Гранит“ ги поделија „Адора инженеринг“, ИГМ Трејд и „Индустри сервисес“

април во еден ден истргувани акции со право на глас во „Стопанска банка Скопје“ вредни 235.000 евра. Рекорден промет реализиран за еден ден во период од една година. Просечната цена на денот е 924,5 денари за акција.

април „Нов пензиски фонд“ управува со половина милијарда евра пари на идни пензионери. Лани друштвото оствари добивка од 83 милиони денари што е 42,6 отсто од целиот приход остварен лани! НЛБ продаде фирма со акумулирана добивка од 301 милиони денари и со вкупни средства од 479 милиони денари. И секако, бизнис со голем растечки потенцијал

мај „Адора Инженеринг“ се вгради во акционерската структура на „Комерцијална банка“ и стана најголем поединечен акционер. Во средата , на денот на победата над фашизмот „Адора“ плати 3,55 милиони евра за акции и стана најголем поединечен акционер на една од двете најголеми банки во земјава

јуни Кој директор зема најголема плата во Македонија? Андреја Јосифовски лани имал 941.685 денари односно 15.238 евра месечна нето  плата со надоместоци.Голема е веројатноста дека Јосифовски е директор со најголема плата во Македонија. „Макпетрол“ е пример и е една од ретките компании која во континуитет ги објавува нето платите на сите членови на Управниот одбор и го почитува Законот за трговски друштва.

јуни Кој Македонец зема 1,1 милиони евра од дивиденда? Најголемиот акционер во најголемата домашна пиварница „Прилепска пиварница“ од дивиденда ќе добие 1,12 милиони евра и со тоа Кирил Самарџиоски, долгогодишниот успешен директор и актуелен претседател на Управниот одбор е најдобитниот акционер во конкуренција на 12 домашни физички лица.

јули Како дојде живот и за Македонска берза? По повеќе години КХВ одлучи да го корегира начинот на кој го пресметува надоместокот што го наплаќа од берзата така што тој ќе се намали и ќе стане помал расход кој ќе произлезе од реалното работење на берзата. Со тоа на берзата ќе и останат повеќе средства за развојни проекти

јули Кој извади најмногу пари од дивиденда? Тројца грчки акционери земаа дивиденда во вкупен износ од 42,7 милиони евра, а тие се банкарската групација НБГ најголемиот акционер во „Стопанска банка Скопје“, цеметарската корпорација „Титан“ која до псоедува скопски УСЈЕ и прилепскиот мермерен комбинат  „Стоун воркс Холдинг Кооператив“ сопственикот на прилепскиот Мермерен комбинат

август Кој ги прави најголемите пари во Македонија?

Компанија

Нето добивка

Стопанска банка Скопје

31 мил.евра

Комерцијална банка

21,3 мил.евра

НЛБ Банка Скопје

19 мил.евра


август Која македонска фирма може комотно да живее од дивиденда? Во нето добивката на „Реплек“ соодносот на оперативна добивка со приход од дивиденда е 1 наспрема 27. Односно на еден денар добивка дивидендата учествува со 27 денари. По ова „Реплек“ АД е единствената компанија затоа што дивидендата во добивката учествува со 1,35 милиони евра, а оперативната добивка со помалку од 50.000 евра. Значи во добивката приходот од дивиденда е 96,5 отсто, а оперативната добивка е 3,5 отсто

септември Миле Атанасов, сопственик на 90 отсто од акциите на штипската компанија „Макпромет“ на последното акционерско собрание изгласа одлука да добива 5.000 евра месечна награда од неговата фирма

октомври Тоа што член на Управниот одбор решил да докупи акции на „Тиквеш“ кои  пазарно вредат над 35.000, а не возило од висока класа веројатно ќе мотивира многу инвеститори во акции да вложат и акцијата на „Тиквеш“ да ја имаат во нивното портфолио. Член на Управниот одбор на најголемата винарска визба „Тиквеш“ Џон Кирил Јоновски за еден месец купил 439 акции со право на глас во компанијата во чие управување учествува, пишува во соопштението на „Тиквеш“ објавено на интернет страницата на Македонската берза.

ноември Најголем акционер на „Тетекс“ е Глигорие Гоговски долгогодишен прв човек на таа компанија кој долги години успешно го водеше „Тетекс“. Воедно Глигорие Гоговски е и искусен политичар и последен премиер на владата на Социјалистичка Република Македонија. Гоговски во „Тетекс“ поседува 12,76 отсто од акциите односно околу 52.850 акции со право на глас и право на дивиденда. Според објавениот предлог за акционерско собрание Гоговски на Нова Година ќе добие 68.750 евра дивиденда од својата компанија.

декември Македонската аквизиција на словенечкиот прочуен бренд „Фруктал“ наскоро ќе понуди на продажба 783.000 акции со право на глас со вкупна почетна вредност од 4 милиони евра. Ова е многу храбар и пионерски чекор на македонскиот пазар на капитал затоа што компанија одлучи да емитува нова емисија акции преку јавна понуда и да го зголеми бројот на акции за 84 отсто во случај на целосен откуп на јавната понуда на акции.

Р.Ф.

Слично

Поврзани вести