Мажи во здолништа протестираат против насилството врз жени во Турција
Илјадници мажи, облечени во женски здолништа маршираат низ улиците во Истанбул, во знак на протест поради насилството врз жените во Турција.
Револтирани од бруталното убиство на 20-годишната Озгечан Аслан, организаторите на маршот велат дека протестите ќе продолжат и во текот на неделата, а веќе им се приклучуваат и жени и деца.
На младата девојка ѝ беше одземен животот, пред две недели, откако возачот на автобусот се обидел да ја силува, а откако не успеал, ја претепал и ја избодел со нож.
Наоѓањето на нејзиното тело во реката во градот Мерсин, го дигна населението на нозе и предизвика протести речиси во цела Турција какви што досега немало.
Основана е и фондација ,,Ние ќе ги запреме убиствата на жените”, која ќе има за цел да го спречи насилството врз жените во било која форма.
Од Асоцијацијата за правата на жените пак, велат дека во Турција скоро секоја жена е осудувана и изложена на насилство. Според нив, таму сѐ уште владее мислењето дека местото на жените е само во домот и покрај децата.
Слично
