Економија, финансии, бизнис

Контакт

Матурантите пред нов предизвик – државна матура!

Матурантите пред нов предизвик – државна матура!
Матурантите со нови главоболки. Покрај редовните завршни тестови, над глава им стои и државната матура. Годинава ја полагаат по новиот модел 1+2, кој предвидува  задолжителен екстерен предмет - мајчин јазик, втор екстерен - странски јазик или математика, а вториот по избор  од останатите предмети кои се во наставната програма во училиштето. Минатата учебна година матурантите „куртулија“ од екстерно тестирање, но овогодинешните средношколци од завршните години покрај за екстерното тестирање  во јануари, сега го загреваат столчето и за предметите од  државната матура. Не им останува уште многу време бидејќи на последниот ден од месецов го полагаат првиот задолжителен екстерен предмет - мајчин јазик. Резултатите од државната матура ќе го кројат планот за упис на факултет. Барем за оние кои планираат да го продолжат образованието. Силвана Р, ученичка во четврта година гимназија,  вели дека таа и нејзините соученици се во вистински хаос. На училиште имаат испрашување секој ден. Се завршуваат последните тестирања, а ги чека и државата матура која е основен услов за упис на факултет. Вели, главата и „бучи”  како никогаш досега.
“Пред мене е голем предизвик. Мислам дека покрај редовните предмети, државната матура ни е дополнително оптоварување. Бидејќи сум гимназија имам и англиски јазик кој има исклучително тешка граматика, спремам и есеј. Не знам од каде да почнам. Сметам дека новиот модел дополнително не оптовари. Се на се преобемно. Нема пролет за нас, ниту подготовка за матурска  забава. Само учење, а за резултати ќе видиме”, вели матурантката С.Р.
Учениците од уметничките училишта имаа можност за избор помеѓу странски јазик и естетика или филозофија. За вториот изборен предмет, ученикот одлучува од листата на предмети од општествената и природната група. За тема по сопствен избор учениците треба да изработат  и проектна задача за полагањето на интерниот предмет. Од министерството за образование велат дека има доволно време за подготовка на сите предмети од државната матура и прилагодување кон новиот модел 1+2.Оваа година тестовите се одговараат електронски.
“Прашањата од екстерните предмети на државната матура ќе бидат со повеќе понудени одговори и ќе се одговараат електронски,  додека есејот и тестот по интерниот предмет ќе се полагаат писмено. Државната матура се полага според посебни испитни програми кои се темелат на целите на наставните програми за соодветните наставни предмети кои се вклучени во листата за државна матура”, велат од МОН.
Следната учебна година нова обврска за државна матура -задолжителна математика! Oд учебната 2014/2015 математиката ќе биде трет задолжителен екстерен предмет за гимназијалците, а од 2015/2016 и за матурантите во средното стручно образование. Од 2014/15 година, интерниот предмет ќе стане екстерен и ќе го има статусот на изборен од останатата листа. Промените ќе се спроведат етапно во рок од три години. Математика нема да полагаат само учениците од средните уметнички училишта, затоа што не го изучуваат овој предмет. Средните стручни училишта имаат најдолг период за адаптација. Таму матурата  ќе се полага на два пати - прво математика, по завршување на втора година, а на крајот од четврта и останатите предмети од матурата. Роковите за полагање државна матура остануваат исти. Во првиот испитен рок полагањата треба да завршат во јуни, а во август втора шанса ќе добијат учениците кои не успеале да ја положат државната матура. Ова се роковите  за полагање на државна матура во јунскиот  испитен рок за оваа учебна година: - македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература – 31 мај 2014 година, со почеток во 10 часот - англиски јазик, француски јазик, германски јазик и руски јазик – 11 јуни 2014 година, со почеток во 10 часот - математика, естетика и филозофија – 13 јуни 2014 година, со почеток во 10 часот - хемија, физика, биологија, историја и бизнис – 16 јуни 2014 година, со почеток во 10 часот. Државниот испитен центар дополнително ќе објави колку тестатори и набљудувачи ќе го следат целиот процес. Минатата година државната матура беше под  лупа на 2 000 тестатори и над 300 набљудувачи. Б.С.
Слично

Поврзани вести